Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
Спасовски, на почетокот на средбата и посака добредојде на амбасадорката Агелер посакувајќи и успех на функцијата и изразувајќи благодарност на поддршката што Владата на Соединетите Американски Држави години наназад и ја дава на Македонија, конкретно на Министерството за внатрешни работи во јакнење на капацитетите и сите процеси кои се спроведуваат преку проектите наменети за полицијата.
Како приоритети и цели на кои Министерството за внатрешни работи е целосно фокусирано изминатиов период и во периодот што следи, министерот Спасовски ги посочи: борбата против организираниот криминал и корупција, компјутерскиот криминал, миграцијата и борбата против тероризмот. Сите овие поставени цели на ниво на МВР успешно се спроведуваат и реализираат, а резултатите постигнати на тој план се на високо професионално ниво.
Спасовски и Агелер констатираа дека и во наредниов период ќе продолжат да работат на интензивирање на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Владата на САД преку Амбасадата на САД во Скопје.