петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Спасовски ми е роднина, ништо не ми можете“: Граѓани на Дојран три дена преживувале голгота, полицијата со скрстени раце (СВЕДОШТВО)

„Спасовски ми е роднина, ништо не ми можете“: Граѓани на Дојран три дена преживувале голгота, полицијата со скрстени раце (СВЕДОШТВО)

Неколку семејства од Дојран за велигденските празници минале низ вистинска голгота. Куќа во нивното маало била издадена на голема група млади луѓе кои направиле вистински хаос.

Граѓанка на Дојран која живее во близина на куќата, ја контактираше редакцијата на КУРИР откако денес на нашиот портал прочитала вест дека полицијата растурила забава во Скопје. Ни раскажа дека таа и сите нејзини соседи биле сведоци на уште поголема забава која преминала во целосен хаос, но за разлика од овој случај, кај нив никој не превземал ништо.

Како што ни раскажа таа, група од 40 млади лица, ја изнајмиле куќата на нејзина сосетка. Три дена правеле забава со гласна музика, многу алкохол и буквално лудување. Жената која на оваа група ја изнајмила куќата, уште пред забавата за продолжениот викенд, им најавила на соседите:

„Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ми е роднина. Никој ништо не ми може. Не пријавувајте залудно!“

-Не можевме да спиеме три дена. Од Велики петок до понеделник. Цели денови и ноќи лудуваа. Гласна музика, викање, трескање. Пијани 40 малолетници. Излегуваа од куќата, правеа хаос, уринираа во нашите дворови. Една сосетка отиде да ги замоли да бидат пристојни, а тие почнаа да се закануваат и да ја навредуваат. Живеевме во страв три дена. Ни се закануваа на сите, пцуеа, навредуваа, вели нашата соговорничка.

Како што дознава КУРИР, неколку соседи го пријавиле овој случај во СВР Струмица и во полициската станица во Дојран.

-Прво се јавивме на полиција, на бројот 192. Од таму ни рекоа дека екипите кои одат на терен во моментот не работеле. Ни дадоа совет да поднесеме приватна тужба. Замилете, додека трпевме голгота, полицијата седеше со скрстени раце. Дојран ечеше. Децата беа пијани, а сигурно дел од нив конзумираа и дрога, вели жената која ја контактираше нашата редакција.

Откако виделе дека полицијата не превзема ништо по телефонска пријава, го повикале командирот од Дојран. Тој, за разлика од неговите колеги, излегол на терен, но брзо си заминал и ништо не превземал. Потоа викнале инспекција.

-Кога дојдоа, дел од децата избегаа по ридот. Инспекторката со која зборувавме ни рече дека во куќата начекала магацин со алкохол. Направија записник, кој никој од нас, ниту сосетката која пријави, не го видовме. Потоа си заминаа без да им наредат да ја напуштат куќата. Ниту едно лице не беше приведено, ниту забавата беше растурена. Откако командирот и инспекторката си заминаа, забавата и нашето мачење продолжи, ни раскажа сосетката.

Кога пијаните малолетници дознале дека соседите поднеле пријава, продолжиле да се однесуваат агресивно. Се заканувале уште повеќе бидејќи добиле “ветер во грб“ од надлежните кои ги оставиле да лудуваат.

Жената од Дојран која ја контактираше нашата редакција вели дека е чудно што полицијата во овој случај не постапила како во други случаи. За време на епидемија од коронавирус ваквите забави се забранети, но гласната музика и ваквото нарушување на јавниот ред и мир се нешто кое отсекогаш се казнувало, а не само за време на коронавирусот.

Се сомнева дека врски потегнала сопственичката на куќата, за која веќе спомнавме, се претставувала како роднина на Оливер Спасовски и се чувствувала како “заштитена мечка“.

Најнови вести