Вчера вечер ВМРО-ДПМНЕ го избра новото раководство на партијата. Како што соопшти претседателот на партијата Христијан Мицкоски по средбата од страна на членовите на Централниот комитет едногласно е избран новиот Извршен комитет на партијата кој е спој на искусни и професионални личности докажани во своите професии за кои како што рече и самиот тој ги чекаат значајни битки за промени.
Извршниот комитет брои 22 членови, а потпретседателската функција во партијата се проширува за уште двајва нови потпретседатели. Имено, покрај реизбраните Александар Николоски и Владо Мисајловски, за потпретседатели на партија избрани се и актуелниот градоначалник на Општина Аеродром Тимчо Муцунски и Гордана Димитриеска Кочоска.
Муцунски е универзитетски професор а дел од своето образование го има стекнато во САД и Канада. Муцунски беше и дел од пржинската влада како заменик министер за информатичко општество и администрација. Пред да стапи на функцијата градоначалник беше пратеник во Собранието на Македонија, како и секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ. Муцунски на локалните избори издвојува убедлива победа со скоро 10.000 гласови разлика во однос на неговиот против кандидат уште во првиот изборен круг.
Гордана Димитреиска Кочоска која е избрана за потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ има богато професионално искуство. Имено Димитриеска Кочоска е магистар по економски науки на УКИМ. Работела во Стопанска банка, во Македонски телеком во сектор за даноци, Министерство за финансии во сектор за јавен долг, а воедно во одреден период беше член на Управниот одбори и директор за финансии во АД Електрани на Македонија. Димитриеска Кочоска беше и заменик министер за финансии во последната Пржинска влада, а поседува и голем број на обуки, професионални надградби и меѓународни сертификати во повеќе области како што се анализа на финансиски извешатај, сметководствена аналитика, менаџирање, контрола и управување.
За генерален секретар е реизбран Ѓорѓија Сајкоски, а според биографијата по професија е доктор на историски науки. Сајкоски во текот на својата професионална кариера работел на повеќе работни позиции, меѓу кои во НУ Музеј на западна Македонија, бил директор на Центарот за култура Кочо Рацин во Кичево, претседател на Советот на општина Кичево од 2009 – 2013 година, заменик министер во министерството за локална самоуправа, директор на ЈП Студенчица, а моментално е пратеник во македонското собрание. Сајкоски е член на ВМРО-ДПМНЕ од 90тите години, а извршувал повеќе партиски функции.
Актуелниот директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ Луке Галески е нов член во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Галески има завршено правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје, специјализирал и е со долгогодишно искуство од мас медиуми и корпоративни комуникации, а претходно работел и како советник во владата и беше дел од кабинетот на Мицкоски. Галески беше советник во Советот на Град Скопје од 2017тата година, а повторно е избра на функцијата на последните локални избори минатата година.
Во Извршниот комитет влегуваат и доктор Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија. Симеонов е со богата биографија и докажан во својата област, а според податоците достапни на интернет ја извршил првата трансплантација на бубрег кај дете во Македонија. Симеонов има објавено повеќе научни трудови во областа на детската хирургија, претседател е на Здружение на детски хирурзи на Македонија, а член е и на европското и светско Здружение на детски хирурзи.
Понатаму, актуелниот политички аналитичар и граѓански активист Сашо Клековски кој е прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Од 1998 до 2008 година Клековски е застапник на Македонската развојна фондација за претпријатија. Тој е прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија за периодот 2009-2010 година.
Поранешната вицегувернерка на Народна Банка на Македонија Маја Кадиевска-Војновиќ е дел од новиот Извршен комитет на партијата. Кадиевска Војновиќ е магистер по економски науки и предавач на Американ Колеџ. Таа била дел и од Дирекцијата за монетарна политика и истражувања, како и претседател на Комисијата за решавање по жалби од областа на пазарот на хартии од вредност како и експерт за анализи за макроекономските текови на државата.
И актуелната портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева ќе биде дел од новиот ИК. Имено, Митева е магистер по деловно право со положен правосуден испит, како и меѓународен секретар на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Извршниот комитет влегуваат и пратениците Ели Панова и Миле Лефков, и двајцата со завршен правен факултет. Понатаму, актерот и претседател на Советот на Општина Велес, Зоран Љутков, кој работи како актер во Драмскиот театар и зад себе има повеќе препознатливи и успешни телевизиски и театарски улоги и признанија, како и кандидатот за градоначалник на општина Маврово Росуште докторот Мевмед Џафери влегува во новиот ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Во досегашниот состав на Извршниот комитет остануваат пратеникот Антонијо Милошоски, Никола Мицевски координатор на пратеничката група во Собранието, пратеничката Рашела Мизрахи, Олга Лозановска, актуелниот градоначалник на Охрид и поранешен пратеник Кирил Пецаков, полковник и пратеник Драган Ковачки, пратеничката и носител на изборна единица 6 на последните предвремени избори Дафин Стојаноска, пратеничката и претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, советникот во Советот на Град Скопје и претседател на Унијата на млади сили Сергеј Попов, Марија Андоновска, советничка и координатор на советничка група во Советот на Град Скопје, професорот Трајко Славески, претседатвач на Советот на Град Скопје, Влатко Ѓорчев, Мане Јаковлевски претседател на Унијата на ветерани.
Како што изјави претседателот Мицкоски, за меѓународен секретар е избран Стефан Андоновски, актуелен советник во Советот на Град Скопје и поранешен член на Извршниот комитет, а за шеф на кабинет е поставен Владимир Нелоски, поранешен претседател на Унијата на млади сили, и сегашен советник во Советот на Град Скопје.
Мицкоски рече дека во следниот период ќе се посвети и на зајакнување и проширување на тимот на неговите лични стратешки соработници, истакнувајќи дека овие лица се сериозна додадена вредност на задачата да ја промениме реалноста за која како што кажа е катастрофална.
Живееме во време кога Македонија ја има се помалку, а сиромаштијата се повеќе. Живееме во време кога за само дваесетина дена секое македонското семејство се задолжува за нови 200 евра од оваа иста влада која ги покачува цените на струјата и парното кое го има се помалку. Живееме во време кога корупцијата е широко распространета, кога криминалот се простува, кога судот и обвинителството испорачуваат хајки, а криминалците и се смеат на правдата во лице. Пазарџискиот менталитет е сеприсутен. Во односите со Бугарија, во проблемот со застојот на евро интеграциите. На домашната политичка сцена го гледаме овој пазарџиски менталитет.На реалниот човек сето ова му предизвикува чувство на гадење, а илјадници семејства се будат и легнуваат со чувството на несигурност за својата иднина. Цените по маркетите вртоглаво растат, но не и платите. Владата не само што нема план, туку само купува време со истите смешни флоскули. И сето ова преставува навреда на колективната интелигенција на народот. И секогаш, како по учебник кога државата ја туркаат пред нов пораз, прстот го вперуваат кон сите други, освен кон самите себе. И не е прашање дали, туку колку Македонија ќе губи, вели Мицкоски.
Нивната политика не е само деструктивна во поглед на уништување на се до сега што е сработено од сите минати влади, туку тие го уништуваат и духот на народот, неговата самодоверба и уривање на вредностите во кои нашата нација непоколебливо верува. И нема поголема обврска во мојот живот од таа да се спротивставувам на она што се нарекува разградување на нашата колективна свест, уништување на иднината на цели генерации македонски граѓани и систематското обезличување на нашата Македонија, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Се очекува овие перспективни и искусни докажани еминентни кадри, професори, економисти, правници и доктори на партијата да и дадат нов елан, особено во пресрет на предвремените парламентарни избори за кои како што вели во повеќе наврати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски се неопходни да се случат час поскоро за да им се помогне на граѓаните кои тонат во сиромаштија со актуелната влада на СДСМ.
Очигледно е дека лидерот Мицкоски со изборот на нови лица, искусни и докажани во својата област во најтесното партиско тело на партијата е цврсто убеден во својата намера за целосен пораз на владата на СДСМ и борба за промени со кои ќе обезбеди подобра иднина за сите граѓани и државата.