Светиот свештеномаченик Зиновиј и сестра му Зиновија
Од градот Егеј во Киликија. Вистинската вера и големото материјално богатство ги наследија од нивните родители. Ревнувајќи за верата со голема љубов, своето богатство им го раздадоа на сиромасите. И затоа што имаа милостиви раце, Бог ги дарува со дар на чудотворство, така што Зиновиј исцелуваше болни од секаква болест само со допирот на раката. Го поставија за епископ Егејски. Во времето на гонењата судијата Лисиј го фати и му рече: „Ти предлагам две – живот и смрт. Живот ако им се поклониш на боговите, смрт ако не им се поклониш“. Свети Зиновиј одговори: „Животот без Христа не е живот туку смрт, а смртта заради Христа не е смрт туку живот.“ Кога го подложија на маки, на судијата му се јави Зиновиевата сестра и му рече: „Чашата на страдањата сакам да ја испијам и јас, и да се овенчам со таков венец“. После многу маки во оган и зовриена смола, обајцата беа убиени со меч околу 285 година. Така овие брат и сестра се преселија во бесмртното Царство Христово.
Тропар
Вие кои добро војувате, трката ја завршивте и верата ја сочувавте, Зиновиј и Зиновие, на Бога за сe заблагодаривте, сега молете се од местото на вечните, милост кон нас да покаже, Оној Кој преку вас мноштво деца Свои од погибел спасуваше.
Светите апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем
Од Седумдесеттемина. На Клеопа му се јави воскреснатиот Господ на патот за Емаус. Терциј го запиша посланието на Св. апостол Павле до Римјаните (Рим. 16, 22) и заврши маченички како епископ Икониски, после апостолот Сосипатар (под 10 ноември). Свети Марко (наречен Јован: Дела 12, 12), ? е син на благочестивата Марија, чијшто дом им беше засолниште на апостолите и на првите христијани. Тој е и роднина на Варнава. Беше епископ во самарискиот град Аполонијада. Јуст му е син на праведниот Јосиф. Заедно со Матиј беше избиран на местото на Јуда Искариот, но не беше избран. Како епископ пострада за Евангелието во Елефтеропол. Свети Артем беше епископ во Листра Ликаонска, а се упокои мирно.
Тропар
Апостоли свети Христови, трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте, со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте, молете се о, свети благовесници, Клеопо, Терцие, Марко, Јусте и Артеме, да имаме вера колку синапово зрно, и нашите животи, по вашите молитви на Христа да ги предадеме.