На прагот на 2023-та година, во XXI век, додека цел свет оди напред во образовниот систем со најнови технологии и современи услови, ние во Македонија сме соочени со основни проблеми во сите генерации. И кога зборуваме за основни проблеми, се соочуваме со прашања во кои дефинитивно се допира дното. Темата која денес ја објавуваме е нешто за кое е срамота да се зборува, но срамот е кај надлежните во повеќе скалила.
Тоалетите во основните училишта во Крива Паланка се жив извор на зарази бидејќи хигиената во нив е на најниско можно ниво. Тоалетните школки кои ги користат МАЛИ ДЕЦА не се чистат со денови.
Револтирани, а пред сè загрижени родители, ја контактираа редакцијата на КУРИР, да нè информираат дека не успеале да допрат до надлежен со слух за овој проблем во општината.
Во Крива Паланка има две основни училишта, „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“. Децата од цел град одат на настава токму овде. За иронијата да биде поголема, едно од училиштата пред извесно време е реновирано. Но, што значат за децата новите тоалетни школки, доколку поради нехигиената во нив мораат да избегнуваат да ги користат?
Татко на дете од прво одделение кој стапи во контакт со нас, вели дека од септември молчеле за овој проблем бидејќи мислеле дека е нешто кое ќе се реши. Но, тоалетите во кои одат неговото и десетици други деца, секој ден изгледаат се полошо. Миризбата која се шири од таму е неподнослива и ги зафаќа и училишните ходници, но и дел од блиските училници.
-Може е срамота да пријавувам ваков проблем. Но кога станува збор за деца, знаете, мора да се пријави. Со недели се обраќаме до претпоставените и во училиштето и во општината. Слушаат и не прават ништо. Секако, не одат нивните деца во вакви мизерни услови. Не бараме којзнае што, бараме хигиеничарите да чистат тоалети во кои одат деца. Извор на зарази е тоа што може да го видите таму. Никој не сака да превземе нешто, напротив, како со некоја доза на чудење дека зборуваме на оваа тема реагираат, рече таткото на детето.
КУРИР контактираше и други родители чии деца учат во овие две училишта. Револтот кај нив настанал во моментот кога неколку дечиња почнале дома да се жалат на болки во стомачињата. Со часови додека се на настава се воздржувале да одат во тоалет бидејќи од тоа што го гледаат и мирисаат таму чувствувале нагони на повраќање.
И тука доаѓа најголемиот проблем. Проблем пред кој ниту еден родител нема да молчи – здравјето на децата!
Ако на тие надлежни таму, темата за хигиената не им е нешто за кое чувствуваат потреба да превземат одговорност, сега се соочени со проблем со здравје кај некои ученици. По преглед на лекар, кај деца е откриено присуство на инфекција, која според медицинските лица, најверојатно е добиена во валканите тоалети.
Од родителите со кои разгиваравме побаравме да ни испратат писмено соопштение, со деталите за состојбата со која се соочуваат.
Нивниот одговор можете да го погледнете во продолжение:
„Како загрижени родители ви се обраќаме на вас, бидејќи со раководството во училиштата немаме никакво разбирање, а ни слух од нивна страна. Се работи за хигиената во основните училишта во Крива Паланка, каде учениците користат тоалети во ужасна состојба, неподнослива смрдеа, нечистени редовно и се закана за ширење на зараза кај најмалите. Иако е реагирано кај вработени во училиштето и кај директорите, од нив добиваме одговор дека тоалетите биле чистени редовно и дека немало проблем, а учениците го кажуваат спротивното. Веќе има и случаеви на инфекции кај мали дечиња од прво и второ одделение, на кои им било кажано дека е наводно од нечистотија. Самите родители се бориме и објаснуваме дека не се одржува хигиената како што треба, а и сите се жалат дека овој проблем во училиштата не е решен со години, дека имаат проблем со хигиената во сите училишта. Повеќето родители се плашат да се бунат, што поради нивни блиски вработени таму или пак лично тие се поврзани со некои работни места од кои би им зависело работното место ако многу се бунат јавно за тој проблем. Исто така и стравуваат дека нивните деца ќе бидат таргетирани и ќе бидат оценувани различно од останатите и ќе се двојат од другите деца. Се прашуваме сите до кога вака во 21ви век ќе се бориме за хигиената во училиштата и здравјето на нашите деца“.
За тоа дека децата немаат основни хигиенски услови, запознаен е и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Родителите очекувале дека тој ќе превземе нешто, кога веќе директорката седи со скрстени раце. Но, залудно.
Родителите често влегуваат до тоалетите да видат дали има подобрување на состојбата. И секој ден се соочуваат со грозна слика таму.
Измет, крв, прашина, хартија, влага… неисчистени со денови. Тоа е сликата на која се сведоци.
До нашата редакција испратија и низа фотографии, од кои ви објавуваме само дел, од разбирливи причини.
Велат, штета што не може да ви доловиме како мириса училиштето од валканите тоалети.