Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, денеска, оствари средба со Н.Е. Марија Виргина Мендес де Силва Пина, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Португалија, со седиште во Белград, Република Србија, која ја покрива и нашата земја.
Николоски изрази задоволство за прифатената покана за средба од страна на амбасадорката на Република Португалија и посака успех на Португалското претседателство со Советот на ЕУ. Претседателот Николоски на средбата изрази заложби нашата земја час поскоро да ги почне преговорите со ЕУ и сугерираше процесот да отпочне во рамки на Португалското претседателство со ЕУ односно во првите шест месеци на 2021 година.
Претседателот на Советот ја запозна амбасадорката со идејата за формирање на Националниот совет за евроинтеграции, надлежностите и клучните цели, инклузивниот карактер на неговиот состав, градењето и одржувањето на консензусот за членството во ЕУ. Изрази надеж за плодна соработка и побара поддршка за зајакнување на собраниските капацитети значајни за интегративниот процес.
Николоски е првиот политичар кој остварил средба со амбасадорката откако Португалија е актуелен претседавач со ЕУ, при што ја искористи можноста да упати покана амбасадорката да го посети Собранието, како и да се обрати пред Националниот совет за евроинтеграции.
Амбасадорката на Република Португалија го честита изборот на Николоски за претседател на Советот и истакна дека Португалија е сигурен партнер кој ја нуди својата поддршка за интеграцијата во ЕУ. Информираше за актуелното претседателство со Советот на ЕУ, приоритетите во шестмесечното претседавање, како и интенцијата Португалија да го продолжи процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан врз основа на новата, поверодостојна и поефикасна методологија. Изрази очекување за што поскоро започнување на преговорите и надминување на пречките кои и стојат на државата на евроинтегративниот пат.
Соговорниците разговараа и за актуелните состојби во ЕУ, регионалната политика, актуелната состојба предизвикана од пандемијата со Ковид-19, процесот на вакцинација.