Шеесетина ученици од девет средни училишта се запознаа со основите на програмирањето преку иницијативата „Hour of Code“, што вчера се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Средношколците, заедно со студентите на Факултетот, на овој меѓународен и традиционален настан разменија искуства за нивните интереси, желби и можни идни насоки за студирање на областите од компјутерското инженерство.
Иницијативата за организација на настанот потекнува од студентите и од наставниот кадар на Институтот за компјутерски технологии и инженерство за да се доближи програмирањето до младите генерации од сите возрасти. Настанот е дел од иницијативата „Hour of Code“, организирана од компанијата code.org.