Откако преговорите со владините претставници не вродија со плод, Сојузот на синдикати на Македонија одлучи денеска да излезе на штрајк со кој ќе го изрази незадоволството од немањето слух од страна на Владата по однос на линеарното покачување за сите по 2 806 денари и утврдување на регрес во јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата, најави денеска по средбата со владините претставници.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски вчера истакна дека е разочаран од преговорите кои се воделе во последен момент, при што ги оцени како обид за купување на време.
-Тие не ни понудија ништо друго, не ни понудија ништо освен правење одредени комисии каде што ќе се усогласи методологијата, убедувајќи не дека административниот службеник и давателите на јавни услуги се непродуктивни работници, што не е така. Тие се сервис на граѓаните, ние од нив користиме услуги. Тие достоинствено си ја работат работата и сметаме дека дојде времето нашето незадоволство да го искажеме на улица, рече Димовски.
Денеска пред Собранието ќе бидат наредени 120 столчиња, од каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.
Тој јавно побара помирувачот кој што е дел од Министерството за труд и социјална политика да го прочита Законот за мирно решавање на спорови и членовите во тој закон, и да не ги убедува дека помирувањето може да трае 20 дена и оти за тој период ССМ не треба да штрајкува.
Штрајкот значи прекин на работниот процес за време на работното време на работното место.
-Ние како ССМ не можеме да штрајкуваме во тие одделни институции, ние нашето незадоволство како предводници на овој штрајк ќе го изразиме пред Собранието на РСМ во среда, во четврток тоа ќе го пренасочиме кон Владата, а доколку ниту тогаш не се реши проблемот, тогаш ќе одиме пред Министерството за финансии каде што ќе побараме уште еднаш од министерот Бесими да се преиспита во ребалансот на Буџетот и да не стави како ставка за покачување на плати. Доколку и тоа не се случи, знаете што значи штрајк и кои се последиците, очигледо ќе бараме оставка од некои министри. Тоа е наше легитимно право, рече Димовски.
Највисоките тела на Сојузот на синдикати на Македонија на 3 јуни донесоа Одлука за генерален штрајк за 22 јуни, ако дотогаш не бидат исполнети нивните барања.
Откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за нивното барање за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор како што им било ветено за време на преговорите, ССМ бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика, но ни на таа средба не беше постигнат договор.