недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ССМ: Сите пратеници едногласно да предложат и изгласаат подобрување на работничкиот стандард

ССМ: Сите пратеници едногласно да предложат и изгласаат подобрување на работничкиот стандард

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) до координаторите на пратеничките групи достави отворено писмо со предлог барање сите пратеници едногласно да предложат и изгласаат подобрување на работничкиот стандард.

-Очекуваме, сите пратеници едногласно да предложат и изгласаат подобрување на работничкиот стандард особено во време на инфлација која е на највисоко ниво во изминатите 25 години. Ве повикуваме сите заедно да застанете во одбрана на достоинството во животот на работниците. Загрижува фактот што Владата има предвидено незначителни средства за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор и тоа само за оние категории за кои со порастот на минималната плата идната година, нивните плати ќе останат под неа, а во истиот нема предвидено скоро никакви средства за исплата на надоместици и додатоци на плата утврдени со закон и колективните договори, се вели во писмото од ССМ.

Како Сојуз на синдикатите на Македонија во кој членуваат 70.000 работници и како единствен репрезентативен претставник на работниците во јавниот сектор, се додава во писмото, изненадени сме што предлагачот на Буџетот за 2023 година, Владата преку Министерството за финансии нема предвидено средства за усогласување на платите со порастот на минималната плата, ниту пак средства за ублажување на инфлацискиот шок како што тоа го прават европските држави, оние европски држави каде што нашите работници забрзано се иселуваат поради ваквите лоши владини политики.

-Сметаме дека сите пратеници треба да го следат примерот на најголемиот синдикалец помеѓу министрите во Владата, министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој на почетокот беше најголем противник за зголемување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата и против линеарното зголемување на платите за 2806 денари колку што бараа работниците и кој беше една од главните причини за организирање на генерален штрајк во јавниот сектор кој се уште трае во јавниот сектор, за подоцна преку закон, да издејствува, а вие да изгласате зголемување на платата на вработените во Министерството за финансии за 30 отсто. Тоа е чин за поздравување кој сметаме дека треба да го следите при донесување на Буџетот за 2023 година и на тој начин да им излезете во пресрет на вашите гласачи односно на вработените во јавниот сектор полесно да се справат со високата инфлација која во споредба со минатата година изнесува огромни 19,8 отсто според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, а Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ за преживување на едно четиричлено семејно домаќинство изнесува 51.514,00 денари за месец октомври или од истата само за исхрана и пијалаци се потребни 19.421,00 денар кои ниту минималната плата не ги покрива веќе во целост, се вели во писмото од ССМ.

Се посочува дека растот на инфлацијата задава сериозен удар на куповната моќ на работниците и доведува до целосно осиромашување на целокупното население и веќе ги оневозможува работниците и граѓаните да си овозможат достоинствен живот.

-Со ваквиот предложен Буџет за 2023 година дополнително ќе се придонесе недостоинствено да се живее во Македонија, работниците и покрај тоа што работат да се сиромашни и да не можат да си ги прехранат своите деца и семејства. Сметаме дека Вие како коректор на ваквите лоши политики на Владата која очигледно не се грижи за своите вработени, треба да размислите за вашата улога и вашата одговорна функција која граѓаните и ние работниците сме ви овозможиле да ја извршувате и да придонесете со предлог амандмани на комисиската расправа по Буџетот за 2023 година да предложите амандмани со кои во ставките за плати, додатоци и надоместоци на плати за сите вработени во јавниот сектор за кои се покрива платата од Буџетот, да се зголеми масата на пари за најмалку 15 отсто и на тој начин да го вреднувате трудот на вработените во здравството кои за жал не добија никакво усогласување на нивните плати со зголемувањето на минималната плата оваа година, а кои во изминатите неколку години со нивниот труд го чуваа Вашето здравје и Вашите и животите на сите граѓани во време на пандемијата од Ковид – 19, вработените во полицијата, управата и правосудството, армијата на кои со дискриминирачки пристап, Владата во изминатиот период, без никакви критериуми и без никаква методологија им зголемуваше плати за 1,2,3,5 или 10 отсто, се укажува во писмото од ССМ.

Сметаме, се додава, дека сите Вие треба да ја следите методологијата на министерот за финансии, Бесими со која ги зголеми платите на вработените во неговото министерство и на тој начин, особено пратениците од владејачкото мнозинство кои гласаа против амандманите на ССМ и работниците во ребалансот на буџетот и жестоко се противеа да се предвидат средства во истиот за 2806 денари за сите работници во јавниот сектор за усогласување на платите со минималната плата, а што исто така е причина на нивната Влада да и се случува штрајк во јавниот сектор кој трае најдолго во историјата на државата, а истовремено предизвикаа и сите работници преку ССМ да ја тужат државата пред домашните и меѓународните судови и институции.

-Бараме од Вас, како претставници на народот во Парламентот да предложите амандмани на Буџетот согласно Вашите надлежности и деловнички можности на комисиската расправа преку кои за сите вработени во јавниот сектор, за кои нема предвидено средства во Буџетот за зголемување на платата, да се предвидат средства за усогласување и зголемување на платите за минимум 15 отсто, а при тоа да го следите примерот на министерот за финансии Бесими и на тој начин да ја спречите Владата во дискриминаторскиот пристап кон своите вработени поради тоа што за истата линеарното зголемување на палатите не беше решение, а процентуалното зголемување на платите е решение согласно нивните веќе воспоставени принципи, кои и вие како креатори на законите и ние како претставници на работниците ќе ги следиме, порачува ССМ во писмото.

Нагласуваат дека работниците не забораваат лесно кои осум пратеници од владејачкото мнозинство, како што велат, ги предадоа при носењето на ребалансот на Буџетот за 2022 година односно кои гласаа против амандманот на работниците, па нема да заборават сега, исто како што не заборавија на пратениците кои подадоа рака на работниците и за амандманот за усогласување на платите и за амандманот за зголемувањето на минималната плата.

Најнови вести