Премиерот ниту еднаш во својот говор не го употреби зборот кој е предмет на седницата, а тоа е разрешување. Премиерот смета дека е најдобар, но се испостави дека е полош од Заев, се прави најчесен, но постапките го издаваат. Проект нема реализирано, а способноста ја видовме со 1300 километри во кои ги спомна и тие од Охрид-Кичево. Лага до лага, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска Трајкоска.
– Деновиве зборувавме за Беким Сали, актуелен министер за здравство, предлогот за разрешување заврши, но не е изгласан бидејќи не се собра мнозинството, истото и за Адмирим Алити од министерство за администрација и информатичко општество, трет е Џемаил Чупи министер без ресор задолжен за дијаспора. Се ова е дел од нефункционална влада која треба да си даде оставка бидејќи е докажано неспособна, потенцираше Стаменкоска Трајкоска.
Таа посочи дека инфлацијата е на највисоко ниво, дупло поголема од онаа во ЕУ, лидери сме во регионот само по лошо.
– Дозволија литар масло за јадење да е поскапо повеќе 150%, килограм брашно поскапо за 100%, се прави рекет по населението. Плаќаме поскапа струја, поскапи сметки. Се зголеми јавниот долг, народот ништо не виде од тоа. Што се направи со тие задолженија? Каде се парите, тоа прашува народот, нагласи таа.
Стаменкоска Трајкоска потенцираше дека покачувањето со кое се фалат го изеде инфлацијата, куповната моќ е помала од таа претходно, секојдневно гледаме протести, а власта не прави ништо.