среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Стаменковска Трајковска до СДСМ: Не може да се има доверба во реализирање на пописот, кога лицата што се главни и одговорни за операцијата се политички избрани

Стаменковска Трајковска до СДСМ: Не може да се има доверба во реализирање на пописот, кога лицата што се главни и одговорни за операцијата се политички избрани

Нешто пред да биде критикувано треба и да се образложи зошто истото се критикува и секако во секоја ситуација според мене после критиката треба да се даде издржана сугестија. Но во соработката која ја имаме овие месеци, почитувани колеги од владејачкото мнозинство, вие во ниеден момент на дадените предлози од наша страна не се одваживте, не покажавте храброст да прифатите барем еден предлог. Конкретно за предлог законов за попис на населени, домаќинства и станови во Република Македонија за предложените амандмани од наша страна вие колеги не најдовте ни најмала логика и храброст да ги поддржите нашите амандмани“, истакна Бети Стаменковска Трајковска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, на денешната собраниска седница.

Стаменковска Трајковска додаде во програмата на владејачкото мнозинство се обврзуваа на носење на нови закони со широка јавна расправа и со вклучување на сите засегнати страни. Како што ова владејачко мнозинство направи за образовните реформи, можности за јавни дебати се сведени на нула, воопшто нема. Најчесто изговор за немање на јавни дебати на ова владејачко мнозинство е КОВИД ситуацијата.

„Вие за време на оваа пандемија организиравте непотребно избори во Штип и Пласница, со мандат на избраните градоначалници од нецели девет месеци. Вашиот кандидат во Штип како доктор предупредуваше дека за Велигден треба да седиме дома и гости да не примаме воопшто. Ама како кандидат за избори си повика нели на избори да се излезе“, појасни Стаменковска Трајковска.

Стаменковска Трајковска посочи дека пописот треба да е статистичка операција,а не политичка. Ако е само статистичка операција зошто тогаш има потреба од врзани потписи на директорот и заменик директорот. Недовербата на владејачкото мнозинство во работењето на оваа институција која се надминува на ваков начин нормално е да се појави сомнеж кај опозицијата, но и кај пошироката јавност.

„Не може да се има доверба во реализирање на пописот дека ќе биде статистичка операција кога лицата што се главни и одговорни за спроведување на пописот се политички лица, кои се избрани од политичка Влада. Тие лица за жал не се избрани професионално како што впрочем цело време во предизборието ветувавте пред народот“, потсети Стаменковска Трајковска.

Стаменковска Трајковска рече дека во услови на економска и здравствена криза власта го одби амандманот за одложување на пописот за 2022 година. А, одложување на попис направија Америка, Бразил, Австралија, Бугарија, Германија, Шкотска, Ирска, Србија, Романија. Тие држави го одложија пописот бидејќи има КОВИД пандемија, ама очигледно според оваа власт во Македонија нема.

Најнови вести