Работен пензиски стаж од 40 години за мажи и 38 години работен пензиски стаж за жени без оглед на години на старост, би биле основа за заминување во пензија за сите вработени во Армијата, како и изработка на нов Закон за вработените во одбраната. Договорено е министерката за одбрана Славјанка Петровска да иницира законски измени во постојаниот закон во однос на членот за пензионирање.
Ова се заклучоците на средбата и разговорите на министерката за одбрана Петровска и претставници од Независниот синдикат на одбраната (НСО) одржана на 13-ти месецов по претходно водените преговори на состаноци.
Независниот синдикат на одбраната во денешното соопштение го поздравува пристапот на министерката за одбрана Петровска за можноста редовно да се одржуваат состаноци за клучните работнички прашања, а со тоа и развивање на социјалниот дијалог на високо ниво.
– По назначувањето на министерката за одбрана Славјанка Петровска, НСО реализираше неколку работни состаноци на кои беа изнесени повеќе клучни прашања помеѓу кои и прашањето за пензионирање на вработените во Армијата, се наведува во соопштението од НСО.