Нема промена во ставот на Бугарија, нема ништо што јавноста не знае, изјави привремениот премиер Стефан Јанев во одговор на прашање од пратеник од „Има таков народ“ во Народното собрание во врска со преговорите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.
Јанев посочи дека вчера на состанокот на Советот на министри донеле став кој следната недела во Брисел ќе биде претставен пред Советот за општи работи.
-Она што го гледаме – медиумскиот ентузијазам што го покажаа странските лидери или странски медиуми, мислам дека не треба длабински да го коментираме во бугарскиот Парламент, бидејќи од оваа говорница не можеме да им кажеме на нашите колеги од соодветните влади што и како да направат, коментира Јанев.
Тој истакна дека позицијата на Бугарија за Република Северна Македонија, но и за целиот регион на Западен Балкан е постојана и непроменлива.
-Нашиот став е дека не само Република Северна Македонија, туку и Западен Балкан, како регион, ја заслужува својата европска иднина, а Бугарија низ годините не само што се изјасни, туку и придонесе за подготовка на овие земји на нивниот пат кон европска иднина, рече Јанев.
Во однос на Република Северна Македонија, додаде тој, факт е дека во 2017 година потпишавме договор за добрососедство и соработка. Нашите тврдења како држава се, додаде тој, дека таа не ги исполнува своите обврски.
Премиерот Стефан Јанев посочи дека бугарската позиција е позната, јавна, со т.н пет плус една точка.
-Ова е шемата по која може да продолжат разговорите и се надеваме на добронамерниот однос на нашите колеги од Северна Македонија за да се постигне овој неопходен дијалог, да се надминат разликите за да се одреди датум за првата конференција и, соодветно, да отпочнат преговорите на оваа земја со ЕУ, додаде тој.