Денеска се навршуваат сто и осум години од раѓањето на народниот херој Страшо Пинџур, информираа денеска од Музеј галеријата во Кавадарци. Потекнувал од видно револуционерно семејство од кавадаречкото село Ваташа.
– Роден бил во Струмица на петти март 1915 година. Таму неговиот татко работел како учител. Во Крагуевачката гимназија се изградил како напреден младинец и револуционер. Таму во 1933 година започнал да го пишува својот дневник. Покрај другото, во овој дневник запишал, ,,Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае”. Во 1935 година Страшо Пинџур се запишал на Правниот факултет во Белград. Многу брзо влегол во редовите на напредното младинско и револуционерно движење. Се вклучил во Друштвото на напредните македонски студенти ,,Вардар”, а во текот на 1936 година бил избран за негов секретар. Станал и член на Акциониот студентски одбор, потсетија од Музеј галеријата.
Тој бил еден од основачите на македонското народно движење МАНАПО.
– Поради неговата голема активност и агитација меѓу студентите и работничката младина, во мај 1938 година бил уапсен од белградската полиција и осуден на шест месеци затвор во Ада Циганлија.
За време на летниот распуст во 1939 година, Страшо Пинџур заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев ја формирале партиската ќелија на КП за Кавадарци, ја обновиле партиската организација, што по 1920 година се наоѓала во длабока илегала, потсетија од Музејот.
По завршувањето на Правниот факултет во декември 1940 година, неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемила.
На 26 март 1941 година Страшо бил во Скопје и заедно со Кузман Јосифовски – Питу и Мирче Ацев учествувале во демонстрациите против приклучувањето на Југославија кон Тројниот пакт.
По окупацијата на Македонија се наоѓал во Скопје, бил назначен за инструктор на ПК на КПЈ за Македонија, а од септември 1941 година бил член на Покраинскиот воен штаб. Тој бил задолжен да ја зајакне партиската структура, да формира нови месни комитети и воени штабови. Од јуни 1942 година бил член на Главниот штаб на Македонија, соопштија од Музејот.
Есента 1942 година, бил разбиен велешкиот партизански одред „Димитар Влахов”. Страшо Пинџур и Мирче Ацев дошле во Велес, да ја консолидираат работата на партиската организација.
На 18 декември биле провалени од бугарската полиција во куќата на Јован Митрев и биле уапсени и спроведени во Областната полициска управа во Скопје.
На 4 јануари 1943 година во Скопскиот областен затвор, како последица од силните измачувања од страна на бугарската полиција, Страшо Пинџур умира. Било наредено уште истата вечер телото да биде однесено и закопано некаде на тајно место. Загинал на неполни 28 години. Така завршил животот на еден од најголемите револуционери и политички раководители на Македонија од времето на Втората светска војна. До денес не се знае каде е неговиот гроб, информираа од Музеј галерија Кавадарци.
Кога на 24 септември 1943 година на планината Кајмакчалан бил формиран Вториот баталјон во Македонија, името го добил по големиот револуционер и борец, Страшо Пинџур. За неговата активност во организирањето на македонскиот народ во борба против фашистичкиот окупатор, Страшо Пинџур бил меѓу првите прогласени народни херои во Македонија, на 29 јули 1945 година. свд/сх/