За актуелниот случај со потерницата по Томор Морина и одбивањето на Македонија да го испорача на Србија, пратеникот Иван Стоилковиќ пишува дека меѓународната заедница на Македонија ѝ доделила само една улога, таа е да води политика која секогаш ќе биде антипод на Србија за сметка на голема Албанија и на отворената бугаризација.
Постот на Стоилковиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија го пренесуваме во целост:
„Сведоци сме на уште една спин измама со инсценирано апсење на злочинецот на ОВК Томор Морина која заврши со одлуката на Кривичниот суд дека не постојат услови да биде испорачан на Србија, на нејзино барање по потерница од Интерпол.
Одговор на прашањето зошто е апсен кога однапред се знаеше дека ни под разно нема да биде испорачан, лежи во сознанието дека власта со неговото апсење отвори уште еден фиктивен проблем кој апсолутно ја дефокусира јавноста од многуте криминално коруптивни афери, со што власта добива уште малку време да се извлече од готово безизлезната состојба, бидејки истите веќе имаат и одредедни меѓународни импликации.
Во актуелните политички и дипломатски притисоци врз Србија, на Македонија нема да ѝ биде дозволено да биде добар комшија со Србија и тоа само го потврдува фактот дека Македонија има само една функција, а таа е да води политика која секогаш ќе биде антипод на Србија, односно анти Србија, за сметка на Голема Албанија и на отворената бугаризација.
Не прифаќам никакви бесмислени оправдувања од типот, па тие тоа го работат затоа што мораат за да ги задоволат Албанците. Тое е голема лага, и невистина. Тие тоа го прават затоа што се определиле за таква политика и точка. И заради таквото политичко определување лично имаат одредена политичка и материјална корист, секогаш на штета на Србија, но и на штета на сопствениот народ и државата.
Не заборавајте, знаеме кој каде бил, на чија страна бил и зошто бил таму каде што бил“, пишува Стоилковиќ на својот фејсбук-профил.