Власта се уште ги крие вистинските одговори за случајот „Мавровка“. Не се знае ниту како дојде до тоа неколку бетонски катови да бидат изградени среде Скопје, на неполн километар од објектот на Владата на Република Македонија, уште помалку од централниот плоштад и директно спроти судската палата? Она пак што Заев и Ахмети го кријат како змија нозе е како до вчера нарекуван „непознат“ и „мистериозен“ инвеститор одеднаш стана познат и тоа со документи во рака за легализација и со сметка за платени давачки, згора на тоа со издадени документи од Град Скопје на Петре Шилегов? И никој тоа не го демантираше, обвинува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски
-Криминалната власт се обидува да го сокрие тоа што сите го знаат – дека има спрега, и дека зборовите влада на Заев и мафија се синоними и означуваат едно те исто. Зоран Заев е татко на криминално легализирање на дивоградби! Зоран Заев, е аболициран за случајот „Глобал“, објект, трговски центар во Струмица,афера тешка осум милиони евра, која што беше ДИВОГРАДБА, легализирана отпосле, на штета на неколкумина сопственици на земјиштето каде што е изградено! Наместо реконструкција на градскиот пазар во Струмица, изгради трговски центар на неколку спратови, а потоа истиот се легализираше! Зоран Заев е човекот кој што воведе пракса за криминално легализирање на дивоградби! И не е само „Глобал“, јавно приватно партнерство за „Глобал“ со човек чиј што содружник во бизнисот му е кој друг ако не Вице Заев! Зоран Заев, е човекот кој што од позиција на градоначалник, има легализирано дивоградби во Струмица на нему добро познати лица! Над Струмица се протега импозантен комплекс наречен „Цареви Кули“, објект изграден многу покасно по истекот на рокот зададен во законот за легализација на дивоградбите. Законот за легализација беше прецизен, услов за нешто да биде предмет за легализација, беше да биде изградено заклучно со 3 март 2011 година. Но, сателитските снимки од 10 март 2011 година, цела недела по истекот на зададениот рок, покажуваат дека од комплексот нема ништо! На документот за легализација, почитувани, стои потписот на Зоран Заев, откри тој.
Стоилковски посочи дека дивоградбата „Мавровка“ е исто како и дивоградбата „Цареви кули“.
-Заев, менторот на нелегалната легализација на дивоградби, легализира дивоизграден хотелски комплекс од над 600 квадратни метри на државна парцела – пасиште од околу 1.000.000 метри квадратни – парцела колку што изнесува околу половина Струмица! И да нема изненадувања, на документите за сопственост на комплексот „Цареви Кули“, стои име на човек чија што фирма речиси редовно добивала тендери од општина Струмица раководена од Зоран Заев! И да е работата уште почиста, судот пред две години ја одби тужбата од сопственикот на „Цареви кули“ против медиумите кои што пишуваа за оваа нелегална приватизација, во насока дека документацијата го докажува делото! Е па почитувани, законот е јасен: Во познатиот член 353 од Кривичниот Законик, во третиот параграф е наведено „…со пречекорување или неисполнување на службената дејност, со што за себе или за друг ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, ќе биде казнет со затвор од една до 10 години“. Доколку власта е сериозна за справувањето со дивоградбите, нека се почне со ред – согласно членот 353 од Кривичниот Законик, легализацијата на „Цареви Кули“ да добие правна разрешница со апсење и судење за злоупотреба на службената положба на тогашниот градоначалник Зоран Заев, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.