Се повеќе е јасно дека Македонија се претвора во држава производител на дрога, се повеќе е јасно дека во црниот бизнис е невозможно да се влезе без да се има линк до луѓе блиски до врвот на режимот и до семејството на власт. Македонија и режимот се повеќе се цел на истражувања за нивната улога во црните пазари и поврзаности со белосветската мафија, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Цела недела откако во јавноста излезе истражувањето и новинарската сторија на балканската мрежа БИРН за врските на Предраг Колувија и случајот Јовањица од крајот на 2019-тата година, случај против организиран криминал и корупција во Србија. А, власта во Македонија молчи за наводите за производство и трговија на дрога за црниот пазар во Македонија, молчи за врските на Колувија во Македонија, молчи за извозот во Македонија на можни опијати кои биле лажно декларирани, молчи за неговите фирми во Македонија, за партнерите односно најблиските соработници на Заев!
Таков е и насловот на истражувањето на БИРН: Заборави ако можеш, Македонија во случајот Колувија!
Имено, истражувањето наведува дека Предраг Колувија во Македонија отворил компанија и веднаш добил лиценца за медицинска марихуана, а негови партнери се Александар Пиперевалиев, братучедот на Драги Рашковски, како и Горан Крстев, партнерот на Заеви уште од времето на градењето на дивоградбата „Глобал“ во Струмица. Тие заедно со Колувија отвораат нарко – плантажа во Росоман. А, во меѓувреме Колувија отвора уште две, значи вкупно три компании во Македонија. Плантажата во Росоман е дел од судскиот процес во Србија, како дел од борбата против организираниот криминал и нарко мафијата во земјата.
Според случајот, Колувија од српската плантажа каде нелегално одледувал марихуана, во Македонија за росоманската плантажа пренел преку граница над 4 тони и 700 килограми стебла наркотична марихуана, под декларација дека станува збор за коноп. Исто така, пишувањето посочува дека во Росоман, плантажата на Колувија, Пиперевалиев и Крстев, во неа не се водела евиденција за бројот на засадени и на одгледани растенија, нивниот вид и степенот на наркотична состојка во нив, ниту пак се запазени стандардите и хигиената за производство на медицински канабис. И за сето тоа БИРН се повикува на изјава на одговорни во државните органи во Македонија. Уште повеќе, на компанијата во чие што партнерство е и Колувија и е одземена лиценцата, тој е исклучен од официјалното партнерство, но затоа неговите партнери ја преземаат работата, а се наведуваат и компании отворени во Кипар.
Но тоа што е најскандалозно е што во Македонија, според пишувањата на БИРН, македонското обвинителство не води никаков случај, предмет, поврзан со т.н. Росоманско Производство, односно поврзан со случајот Јовањица, за производство и пуштање на црниот пазар на дрога.
Почитувани,
Истражувачката сторија на БИРН покажува сериозни индиции дека Македонија е производител и извозник на дрога за црниот пазар, со вклученост на луѓе блиски до Заев. Но истражувањето покажува и дека нема истрага за сиот овој случај и за можната злоупотреба на лиценцата за производство на медицинска марихуана!
Па дали блискоста на Заев со Пиперевалиев и Костов е причината да нема истрага за т.н. случај Росоман? Дали Заев е причината да нема истрага за сузбивањето на црниот пазар на наркотици во Македонија? Дали блискоста на Заев дава неограничена заштита во црниот бизнис, онака како што и се нарекува истражувањето „заборави ако можеш“?
Во објавеното истражување, јасно се посочува дека во Македонија има отсуство на контрола, јасно се посочува дека во Македонија се произведува многу повеќе марихуана, отколку што е потребно за масло од канабис, јасно се посочува дека блиските на Заев имаат огромна улога во бизнисот и јасно се посочува дека сето тоа упатува на огромна можност за производство на марихуана за црниот пазар, наместо за медицински потреби. Ама истрага – НЕМА!
Почитувани,
Ова истражување е само едно во низата истражувања во светот каде Македонија се споменува како дел од онаа црна мапа на делување на светскиот криминал, од издавање на пасоши, до производство на дрога за црниот пазар. Ова е само уште еден доказ дека Зоран Заев ја претвори Македонија во Ел Дорадо за балканските и за белосветските мафијаши, рече Стоилковски.