Цел ден измина, а Зоран Заев и СДСМ директно не се оградија од деталите напишани и опишани во бугарските медиуми и пренесени од светските медиумски сервиси, а се однесуваат на средбите на Заев во Софија. Ниту директно и прецизно не се оградија од прецизните описи за понудена формула од Заев за кој што пишуваат бугарските весници за понудена формула за „ист јазик меѓународно признати македонскиот и бугарскиот како два јазици“, истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Стоилковски:
Цел ден измина, а ниту еден од бугарските политичари со кои што се виде Заев во Софија не излезе со демант за деталите опишани во бугарските весници за понудата на Заев пред нив.
Не е прв пат македонската јавност детални информации од разговори на Заев и неговата свита за идентитетските прашања да дознава од извештаи од странство.
Овој пат прецизно се пренесува, со навод од извори во бугарската власт дека Заев однел пет предлози, пет варијанти на таканаречен компромис, во коишто стоела и формулација за политичка декларација, цитирам, за јазичниот спор дека Бугарите и Македонците истовремено зборуваат ист јазик, но и на различни јазици коишто се одделно меѓународно признати, а предлагал и декларација дека двата народи се братски.
Ова е срамно. Доколку Заев директно не се огради од формулациите детално опишани во бугарските весници, но и ако тоа што го пишуваат таму е вистина, тогаш Заев безочно ја лажел јавноста и тоа е потврда дека директно преговара и на маса ја става посебноста на македонскиот јазик што е директно подривање на македонскиот идентитет и посебност.
Доколку Заев директно не се огради од наводите, Заев молкум пред македонската јавност ја прифаќа негаторската теза дека македонскиот и бугарскиот се исти јазици, односно дека се до кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 година, македонскиот јазик бил форма или дијалект на бугарскиот јазик. Со молкот на Заев и без директен демант, Заев ги потврдува бугарските тези.
Има две клучни прашања: Зошто Заев директно не се огради од тоа дека понудил решение коешто подразбира дека македонскиот и бугарскиот јазик се исти јазици, онака како што пишуваат бугарските медиуми, и второ: Зоран Заев јавно да каже што точно предложил како решение пред бугарската страна?
Изостанувањето на директно оградување од деталите опишани во бугарските медиуми, но и однесувањето на СДСМ во Парламентот, бегството од носење на заклучоци на собраниската комисија за носење на собраниска Декларација дека за идентитетските прашања не смее да се преговара, фрлаат поинакво светло од она што се обидува да се покрие со општи деманти и флоскули за наводно враќање на дијалогот помеѓу Скопје и Софија искажано вчера од македонската влада.
Укажуваме дека доколку Заев прифати вакво решение или формулација како што пишува во бугарските медиуми, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифати и ќе го напушти договорот, порача Стоилковски.