Ја следев леснотијата со која што Зоран Заев ја промовираше партиската мерката која што полека се претвора во државна мерка. За волја на вистината, притисокот од јавноста и опозицијата за сега делумно го одложи спроведувањето. Точно, за кратењето на платите и урамниловката пишувам. И точно, по пресовите на Заев и на неговиот портпарол, а и со изјавата на одговорниот за администрацијата Дамјан Манчевски тоа полека, полека се претвора во владина политика и закана за администрацијата. Истата администрација која што продолжува бесрамно да се партизира и обременува токму преку политиките на СДСМ. Не, јас не верувам дека ќе се откажат така лесно од тоа!
Ова го пишува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во колумна за ФОКУС.
Неговата колумна од 31.03 ја пренесува на својот Фејсбук статус:
Целиот современ свет се труди да стимулира домашна потрошувачка, се делат дополнителни пари по семејства, Трамп дури влегува во инвестициска фаза од два трилиони долари за да спасат работни места, а заевата финансиска фамилија продолжува во намера за тонење на македонскиот реален сектор со стегање на ременот проследено со елегантна кампања за некаква елегантна солидарност.
Не можам, а сето ова и не остава место, да не се потсетам на времето пред 25 години, кога истата „колона“ порача дека има „елегантно решение“ за трансформација на државниот капитал. Таа елеганција за неколку месеци затвори над 600-тини компании и остави над 200.000 работници на улица. Дел од оваа денешна читачка публика се деца токму на тие што на грбот го понесоа товарот и топтан во еден кош беа наречени „Стечајци“.
Македонија со децении се бореше да ја регулира неправдата на „Стечајците“, ограбени работници кои што беа оставени без никаква- ама никаква- заштита. Без плати, без регулирани односи, без платени придонеси, и најболно без можност некаде да најдат работа.
Македонија со години водеше (а и се уште ја води таа борба) за нивно колку- толку обештетување. Сепак траорот и годините минати во стрес за корка леб ништо не може да ги надокнади.
Да, токму транзицијата и криминалната приватизација е токму онаа атмосфера на која што ме навраќаат денешницата и најавите на овие зафати. И основано стравувам дека и ова „елегантно решение“ на заевата финансиска фамилија по се изгледа ќе има исти последици.
Македонија по долги години успеа се избори да ја застане економијата на нозе, пред се’ преку намалување невработеноста која што во еден момент стигаше и речиси до 40 проценти.
Главното прашање кое со денови се поставува е како е сега можно буџетот одеднаш да нема пари за плата, ако се знае дека ставката Плата за администрација е меѓу 12% до 13% од него? Тоа во превод е дека реално нема ниту толку во државната каса? Дупка? До таму ли се дојде? Не (сакам да) верувам.
Но, тогаш што би можел да биде поривот за ваков инает, размислував? Што е тоа што турка таква идеја за кратење што е спротивна, прво на сета западна економија, второ на политички бенефит пред избори, грубо кажано? Па, Секако! Што друго би можело освен бенефит на финансиската фамилија.
Позната е брзината на развој на бизнисите кои што зазедоа се’ што е слободно на македонскиот пазар. Чаршијата е се погласна за притисоците за отстапувања, па и за рекетирањата кои што доведоа до заминување на дел од инвеститорите. За некои обиди има дури и судски спорови.
Тука веројатно се и игрите за „исправени“ автопатни траси, па и за игрите со даночната политика.
Уште повеќе, јавна тајна е за тоа кој можеби најмногу профитирал од онаа „акција“ за чистење на општините од долгови. Упатени извори кажуваат дека пропаднати компании кои што имале ненаплатени обврски од заглавени општини биле преземени или пак нивните долгови биле откупени од блиски на финансиското семејство. И што се случило потоа? Без нималку преговарање или барем намалување на каматите, општините топтан ги платија побарувањата „од памтивек“. Добро изиграно или не, веројатно ќе треба во иднина некоја да се позанимава.
Денес пак, откако е јасна сликата за изборите по низата рекетарски скандали кои не ги спречува ниту скандалозната цензура на власта. Знае Хибридот дека биле залудни оние милиони испумпани евра за вработувања и ангажирања. Изборите се малку предалеку, а кризата и епидемијата пресилни за да може меморијата да доминира.
Па ако нема политички ќар, тоа што единствено „преостанува“ е да се извади последната капка маст од економијата. Може да се девалвира македонската потрошувачка моќ, со тоа да се доведат компаниите до степен на неликвидност и стечај. Па после редно е да очекуваме капитално жнеење, да се појават „спасител“ на компаниите од финансиската фамилија. Евтино да се купи се’ што (можеби повторно ќе) вреди на пазарот! Да се ожнее се’ што може, да се заземе секоја компанија која што нешто ќе значи. Како одмазда за законот за дроги. Како одмазда за пресечените ЛујВитон транши. Како уште една одмазда против народот кој си ја сака државата и го цени својот идентитет.
Можно ли е вакво сценарио да се реализира?
Секако да! Прво така сака шефот а тој (се уште) е главен и во владата. Дури ниту Оливер Спасовски не реагира кога му велат „Премиерот Заев вели…“. Второ, одговорната за економски прашања веќе се прослави со изјава дека 17.000 се доволни за едно семејство. Трето, ресорен министер бесрамно вели дека може и воопшто да нема плата. Кој да му се спротистави?
Економијата потона. Шефот можеби има нова идеја. Пропадни- купи- распарчи?
Светската криза веќе удри врз 10тина илјади од тиквешијата и прилепско. Домашната удира уште стотици и илјадници. Уште колкумина ли ќе страдаат заради ваков можен развој на настаните, можеби на сметка на финансиската фамилија?
Култна е сцената од Вол Стрит (1987) кога Гордон Гико вели „Алчноста, во недостаток на псоодветен збор, е добра; Таа е исправна и функционира“
Секако дека би сакал да грешам. Но ако се дозволи, а ништо не ми кажува дека ќе застане ваква луда идеја, овој подмолен можен проект, ако се оди по ова сценарио, Македонија е пред нова долга борба за справување со многубројни „стечајци“!
Недостасува уште „банкарска непослушност“ и некој можен што подолготраен „Стенд-бај аранжман“ со светска најконзервативна институција и сликата од ’90-тите да биде комплетна.
Во ’90-тите работниците им веруваа на властите и на директорите „месии“. На директорите им ги отстапуваа акциите за тие да (им) ги чуваат, да управуваат со нив. Бидејќи сами ниту умееја, ниту пак знаеја што имаат и што значат акции. Никогаш повеќе не се вратија во погоните, останаа на улиците, плаќајќи ги долговите.
Сега се плашам од истите или слични сцени.
Не дај боже да се повторат!
Колумна за неделникот Фокус
31.03.2020