„Многу индикативно е што Законот за граѓанска одговорност е закон кој што прв стигна од министерството за правда со нов министер, со еден ваков текст, предлог текст за измени. И јас навистина очекував многу повеќе од министерот Тупанчевски во однос на Бојан Маричиќ на она што значи заштита на човековите права и слободи, и јавно изразување, како поеминентен професор од правниот факултет. Но, што дојде од министерството за правда и Владата, тие не го повлекоа текстот, и ние инсистираме на тоа текстот во ваква форма да биде повлечен. Но, тие рекоа дека амандмански ќе ги менуваат работите низ собраниската процедура, што според мене е скандалозно само по себе“,истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на утринска емисија на Алфа телевизија.
Стоилковски додаде дека ова е скандалозно бидејќи во истиот предлог текст исто посочуваат дека негативното мислење ќе го заменат со омаловажувачко и понижувачко мислење. Што всушност и омаловажувачко и понижувачко се синоними за истата работа, но сепак станува збор за оценка на мислење. Повторно мислењето на граѓаните е ставено пред суд. Им се укажува на граѓаните како да мислат.
„Во овие рамки морам да посочам и на искуствата и она што значи Европскиот суд за човекови права каде што јасни се препораките, јасни се нормите правни дека носителите на јавните функции и избраните и именуваните функции мораат да имаат поголема отпорност кон критика на јавно мислење. А, и медиумите се јавност, социјалните медиуми се јавност бидејќи е начин на кој што се изразува мислење за определена политика, појава, или било каков настап на соодветен за некого, за некого несоодветен на јавните личности особено на министрите“, рече Стоилковски.
Стоилковски посочи дека е добро што со овој предлог текст за законот за граѓанска одговорност се намалува казната на медиумите од 2.000 евра на 400 евра, но лошо е што со измените на овој законски текст власта ја злоупотребува таа положба во комуникацијата веројатно со новинарските здруженија. Власта на новинарските здруженија им посочува дека се намалува казната, а на мала врата протнува текст како што е казнување на мислење.