Ова зад мене е Министерството за внатрешни работи водено од Оливер Спасовски, кој му даде полициско обезбедување и возила на Седат Пекер. Полициско обезбедување и возила за турскиот криминалец при неговиот престој во Македонија, рече во изјава за медиумите портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
Во продолжение интегрален текст и видео од изјавата на Стоилковски:
Спасовски наместо да апси криминалци, тој им дава полициска заштита. Седат Пекер е лице кое се бара со потерница во Турција, добро познат на полициите ширум светот и Интерпол, а во Македонија од владата на Заев доби најголеми почести, полициско обезбедување, возила, и средби со функционери на власта.
Седат Пекер, еден од криминалците на кој им биле издадени македонски документи, сам кажува дека бил на гости дома кај Зоран Заев.
Попусти се обидите на Заев и на Спасовски да се вадат. За добивање на полициско обезбедување не одлучуваат службениците од пасошко кои ги наместија да преземат вина, туку Началникот на шестата управа, директорот на БЈБ, и Оливер Спасовски како министер кој што мора да биде известен.
Зошто МВР и Спасовски му дале обезбедување на Седат Пекер? Дали за тоа влијаела неговата дружба со Заев? Што правела АНБ и зошто не известила за каков криминалец станува збор? Доколку известила зошто известувањето или предупредување не е испочитувано?
Ова се многу сериозни прашања на кои што Спасовски и Заев мора да одговорат. Не знам дали се свесни, но и да не одговорат денес, ден за одговори и одговорност ќе има. Злоупотребата на полицијата за заштита на криминалци нема да остане неказнета, рече Стоилковски.