„Задоцнето и патетично“! Токму вака во општина Аеродром ја коментираат онаа несреќна кампања во која што влегува Златко Марин во изборна година, ова денеска преку прес-конференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ПМНЕ.
-Златко Марин, човекот кој што ветуваше крај на урбаниот хаос, а наместо 10.000 засадени нови дрва како што ветуваше, 10 илјади нови станбени единици насади, ветува сега ни повеќе ниту помалку туку градба на ГОЛФ ТЕРЕНИ во село Лисиче, руралниот дел на Општина Аеродром, вредни 2 милиони и 500 илјади евра! Уште еднаш – голф терени во село Лисиче, Аеродром! Недостасува само уште да каже дека можеби планира голф терените да ги отвори Тајгер Вудс, легендата на светскиот голф! Вакво подигрување со интелигенцијата на жителите на Аеродром, особено со лисичани, е безобразно и понижувачки. Луѓето очекуваат да видат проекти за подобро живеење и за економски развој на Аеродром, особено на руралниот дел, а тој продолжува со бесмисленото понижување на потребите на граѓаните! Во Аеродром – бетонската џунгла на Марин, за приватните џебови на моќниците на власт, само за 10 месеци минатата година се одобрени градба на 1.155 станови, или над 63 илјади м2 станбен простор. Марин од буџетот на Аеродром потроши половина милион евра за метларки од фирмата на екс вицепремиерот Кочо Анѓушев, а нема ниту денар за борба против аерозагадувањето во Аеродром, вели Стоилковски.
Тој додава дека еве уште еден показател, од вкупниот износ за капитални инвестиции за Аеродром, Златко Марин реализира само 5 проценти, помалку од Арачиново, Кратово, Шуто Оризари, Струга, Велес и други општини во Македонија.
-Златко Марин, кој што еден парк не успеа на време да искоси во Аеродром, змии и стаорци ги плашат децата и граѓаните при прошетки, еве повторно ги чека пролет со змиите и стаорците на Златко Марин, ќе градел и одржувал голф терени во руралниот дел на Општина Аеродром во атарот на Лисиче! Притоа, ќе го сместел во атарот на Лисиче, делот каде што треба да има индустриско развојна зона, места за вработување, компании, фирми, тој ќе отворал голф терени. Да не беше трагично ќе беше многу комично. Марин кој што три години, а ниту оваа четврта која што му тече од мандатот, не го изгради средното училиште кое што требаше да биде изградено во општината, ниту ги доврши работите за реновирање на основните училишта, ниту пак за градинките. Ама Златко Марин ќе градел голф терени во општината со најзагаден воздух во Скопје!? Ваквите комични настапи на Златко Марин се само надоврзување на неписмените пораки испратени на англиски во раниот старт на неговата изборна кампања, кои што значат Урбано напуштање на Аеродром. Ваквите најави на најнеспособниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин со најави на нереални проекти уште повеќе ги тера граѓаните да избегаат од некогаш најурбаната општина во Македонија, вели Стоилковски.