среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Стоименов од АПИС: Не си поигрувајте со 10.000 човечки судбини, повлечете ги измени на Законот за игри на среќа пред да стане предоцна

Стоименов од АПИС: Не си поигрувајте со 10.000 човечки судбини, повлечете ги измени на Законот за игри на среќа пред да стане предоцна

Сакаме од тука, пред Собранието, уште еднаш да им укажеме на пратениците на штетните последици и хаосот што следи во овој сектор доколку се опстои на намерите овие измени да стапат на сила по секоја цена. Веруваме дека нашите предупредување ќе бидат примени со добра волја, без предрасуди и надвор од дневно политичките збиднувања, порача Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа во заедничката изјава со претставникот на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) по повод продолжувањето на собраниската процедура за усвојување на измените на Законот за игри на среќа со ЕУ знаме.

Стоименов истакна дека во услови на сериозни економски предизвици, растечка инфлација, ценовни шокови, целосно е нерационално да се туркаат измени кои во пракса ќе предизвикаат затворање на автомат клубовите и спортските обложувалници и со тоа отпуштање на 10 илјади вработени. Државата ќе изгуби најмалку 280 милиони евра буџетски приходи на годишна основа. Се затвора целосно законска економска гранка што ќе предизвика отворање играње на црно во подрумски простории, како децении наназад, предупредуваат од АПИС.

„Државата ќе нема ниту контрола, ниту ќе остварува буџетски приливи. Приходите ќе завршуваат во приватни џебови, без да се плаќаат лиценци и даноци. Не е точно дека младите ќе бидат повеќе заштитени со дистанца од 500 метри. Ваквиот концепт е целосно промашен и неизводлив на терен. Затоа одговорно тврдиме дека дислокацијата е параван за клуч на врата на легалните објекти за игри на среќа. Критиките дека називите и излозите на спортските објектите ги привлекуваат младите и наводно така преку очите им се создава навика за игри на среќа, нема врска со реалноста. Ако ја прифатиме оваа логика, со истите аргументи ќе треба да се дистанцираат и кафулињата, кафеаните и тобаката за младината да не биде под ризик да стекнува зависност од алкохол и никотин. Не го занемарувајте фактот дека постојната регулатива во Северна Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи актуелниот Закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции“, истакна Стоименов во изјавата пред Собранието.

Според Асоцијацијата, нелогично е во исто време да се воведува дистанца на објектите и да се спроведува постапка во која државата ќе стане партнер во организирање игри на среќа преку интернет.

„Онлајн игрите на среќа се достапни преку мобилни уреди, компјутери на секое место во државата. Доколку ваквиот упад во актуелниот строго контролиран систем на игри на среќа се прави со цел да се затворат легалните објекти за сметка на фирми кои без ниту еден вработен во иднина ќе организираат игри на среќа преку интернет, тогаш некој е во тешка заблуда за наводно позитивните ефекти“, рече Стоименов.

Компаниите, кои се членки на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа, се претставници и на реномирани странски компании од ЕУ, кои индиректно помагаат меѓу 54 илјади до 100 илјади работни места во земјата, и, како што велат од Асоцијацијата, најмалку што очекуваат е да бидат третирани од државата во која инвестираар со години на ист начин како и другите странски инвеститори. Особено што станува збор за најголемиот приватен работодавец во државата.

„Станува збор за општествено одговорни компании кои целосно го штитат јавниот интерес и неселективно ги спроведуваме законските норми. Одговорно тврдиме дека постојат повеќе опции заштитата на младината да биде уште повеќе зајакната, а државата да ги остварува и понатаму буџетски приливи. Затоа, жалиме што надлежните институции останаа глуви на нашите писмени барања, уште во фазата на подготовката на законските измени, да бидеме вклучени со конструктивни предлози“, додава Стоименов.

АПИС испрати апел до пратениците да не ги заведува еуфоријата од изборите кои се наближуваат. Бараат да престанат да бидат ставани во фокусот на дневно политичките препукувања.

„Денес, тука сме со мал дел од вработените кои загрижени за својата иднина побараа од мене да ја пренесам и нивната порака. Ќе бидеме многу повеќе, ќе излеземе на масовни протести ако продолжи туркањето на измените на Законот за игри на среќа по секоја цена. Ние друг избор немаме. Или со сите демократски средства ќе се бориме за зачувување на работните места или ќе бидеме принудени со нашите семејства да се иселиме и да си ја бараме егзистенцијата во западните земји. Таму повторно ќе работиме во секторот игри на среќа. А не планираме да дозволиме да бидеме избркани од сопствената држава. Ние сме обични луѓе, меѓу нас има родители на малолетни деца. На неправда и обид да бидеме жртвувани сме подготвени да реагираме со жесток револт. Затоа, не си поигрувајте со 10 илјади човечки судбини, повлечете ги законските измени пред да стане предоцна“, нагласи на крајот од својата изјава Стоименов.

 

Најнови вести