Филипче на крајот на својот мандат сака да создаде дополнителен хаос во здравството во Македонија и подметнува предлог закон за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, по скретена постапка, со кој предвидува делумно приватизирање на итната медицинска и стоматолошка помош, како и приватизирање на дејноста трансплантација на органи, вели пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска на денешната собраниска седница, барајќи да се тргне овој предлог закон од дневен ред, за да не ризикуваме во Македонија да се создаде „жолта куќа“.
Стојаноска истакна дека Филипче ваквите катастрофални предлози ги вметнува под превезот на одредени и делумно добри членови во законот.
– Една од најкомплексните медицински дејности којашто досега се одвиваше исклучиво во Универзитетскиот клинички центар, како врвна здравствена установа, сега ќе се дава и на приватни установи, со што се ризикува да се создаде жолта куќа. Замислете што би се случувало во државава, ако една ваква врвна медицинска интервенција ја тргнеме од рацете на врвниот медицински институт во државава? – нагласи Стојаноска.
Стојаноска нагласи и дека во овој предлог на закон, покрај делумно добрите, се подметнуваат и скандалозни бизнис-тендер и маневрирачки членови.
– Дали воопшто Венко Филипче се консултирал со лекарите кои учествувале во вакви интервенции или со матичните лекари и стоматолози или со вработените во Итна помош? – праша Стојаноска.