– Ставот на ВМРО-ДПМНЕ се вуште не е донесен. Кога ќе биде донесен секако јавноста за тоа ќе биде информирана. А не е донесен од причини што во референдумското прашање се содржани три прашања, што се коси со членот 15 од Законот за референдум, според кој прашањето за референдумот треба да биде јасно прецизирано и едно смислено, за да може народот да одговори со “за“ или “против“. Конкретно, владеачкото мнозинство одлучи референдумското прашање да содржи три прашања. И тоа се прашањата: Дали сте за влез во ЕУ? Дали сте за влез во НАТО? И, Дали го поддржувате договорот склучен со Република Грција? Токму поради ова, нашата партија се уште нема донесено став од причини што првите две прашања, години наназад ВМРО-ДПМНЕ го има кажано и докажано својот став, тој став стои и во статутот на нашата партија, односно дека ВМРО-ДПМНЕ е, работи и се залага за влез на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, но не е за договорот ваков каков што е склучен со Република Грција, истакна Стојанова.
Стојанова истакна дека, според секојдневните излагања на владеачката партија, тие се одлучни и со или без ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе го спроведат тоа што го потпишале на 17 јуни, при што додаде дека договорот е многу голем, содржи мноштво на барања кои се однесуваат, за жал, само на втората страна, односно Република Северна Македонија.
– Барањата, ова владеачко мнозинство мора да ги спроведе, ова владеачко мнозинство сега е во трка со времето па му наметнува теза на јавноста, дека времето не гони, дека немаме време, дека сега е последната шанса за ЕУ и НАТО.
Таа додава дека шансата е добро да се искористи, но цената за оваа шанса е Идентитетот и ВМРО-ДПМНЕ се противи токму заради губењето на националниот идентитет и националните обележја на Македонија.
– ВМРО-ДПМНЕ се противи токму заради губењето на националниот идентитет и националните обележја на оваа земја. Промена на име, промена на јазик. Не случајно јазикот се доформулира со одредница, јазик кој што доаѓа од групата на словенски јазици, не случајно државјанството ќе ни биде македонско/граѓани на република Северна Македонија. Ако тоа не е така тогаш зошто би било додадено во договорот? Сите институции ќе го менуваат името. Лидерот на СДСМ имаше изјава во која тврдеше, се колнеше во воздухот во кој го дише, во жицата македонска што ја носи, дека нема да има промена на Уставот, изјави таа.
За жал, истакна Стојановска, секоја дадена изјава од страна на премиерот, или не е потврдена или е изменета. И како народот да му верува на овој човек и на ова што го изнесуваат дека со Договорот нема ништо да се менува. Напротив, додаде таа, многу ќе се менува, и нема враќање назад од ова.