Среќен сум и тажен. Среќен сум затоа што Божјата волја беше да се родам во Македонската лулка. А тажен бидејќи сите ние заедно споделувајќи ја радоста што му припаѓаме на овој народ, се туку и секаде некому му се објаснуваме и докажуваме, се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме, порача коментаторот Тони Стојановски на денешниот протест.
Стојановски пред присутните порача дека македонскиот народ е добродушен, но не и наивен, како и дека туѓото го почитуваме,
– Ќе слушнат дека ние се родивме, живееме и ќе умреме во Македонија. Добродушни сме но, наивни не сме. Зло не мислиме, но зло повеќе не трпиме. На секој предлог, договор и услов кој што постои за нас ќе одговориме со НЕ, НЕ и уште една НЕ. Туѓото го почитуваме, добрата волја ја цениме, но вечерва овде, а и утре и задутре ако треба и во еоните ќе испратиме лавовски крик за да се разбуди исконот кај заспаните меѓу нас, рече тој.
Стојаноски потенцираше дека македонскиот народ е исправен пред тешка задача и токму поради тоа од платото пред Владата порача нон пасаран.
– Македонци мои ние сме исправени пред тешка задача. Да љубиме безусловно а да ни поставуваат услови. Да почитуваме безгранично, а да ни поставуваат граници. Да сме подготвени на компромиси, а да ни нудат ропство. Вечерва им велиме нон пасаран, истакна тој.
– Подадовме рака, ни ја бараат душата. А има ли цена душата? Колку гроша вреди крвта на предците, колку милиони вреди комфорот на наследниците? Ќе ги има ли воопшто ако се продадеме, праша Стојановски.
Стојановски изјави дека колку и да се обидуваат од државниот врв нарекувајќи ги самопрокламирани визионери, нема не можат да ја сотрат Македонија.
– Само безумните може да веруваат дека иднината се менува на подобро со капитулантски потпис со откажување од претходната и со условување на следната генерација. И затоа наша обврска е повторно да им кажеме НЕ, Македонија НЕ БИЛА, НЕ Е И НИКОГАШ НЕМА ДА БИДЕ НА ПРОДАЖБА. Не можат да ја сотрат Македонија, па колку и да сакаат да ја продаваат. Оваа држава Македонија настана со револуција, не една туку повеќе, со јасна историска постојаност. И затоа оваа држава Македонија нема да падне со еволуција на таканаречените европски вредности, туку ако паднеме ние Македонците ќе паднеме од гола сила. А и тоа нема да биде лесно, ниту ќе биде со наша добра волја, ниту ќе биде со потпис на кој било самопрокламиран визионер од државното раководство. Отпорот ќе биде секогаш и засекаде а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина. Македонци мои вистината се брише само со сила. Но колку и тие да се држат до силата ние нема да отстапиме од вистината, порача Стојановски.