Универзитетскиот професор, Александар Стојков, на својот Фејсбук профил пишува осврт кон политиката во економијата која ја води актуелната влада.
Неговиот статус го пренесуваме во целост
Збогум на рамниот данок
- Намената на парите.
Во право е Горан Михајловски. Прво, требаше да има кратење на непродуктивните буџетски расходи и некаков напор за подобрување на квалитетот на јавните услуги. Вака секој дополнителен денар што го даваш на Управата на јавни приходи го замислуваш како завршува за некое луксузно вино на службен ручек или во приватен џеб после успешно завршен тендер со напумпани цени. Аргументот “и порано било така” не не’ води напред.
2. Даночна стапка.
Можеше да се направи дополнителната (втората) стапка да биде максимум 15%. Се прави покрупна промена после 10 години. Вакви шокови во даночната политика ги мотивираат луѓето кон даночна евазија. Веќе се насмевнуваат банкарските експозитури во Србија, Косово и Бугарија.
3. Даночен праг.
Според мене, прагот од 720.000 денари годишно (или просечно 60.000 месечно) нема да направи посебен упад во системот, посебно ако втората стапка е лимитирана на 15%.
4. ДДВ за физички обврзници?
Дали останува авантурата со регистрацијата за ДДВ за физички обврзници со приход —надвор од платата— над 1 милион денари? Ќе има и прогресивен систем на оданочување и ДДВ за некои даночни обврзници?
5. Другите реформи?
Само за оваа економска тема ќе зборуваме цела година? Каде се другите економски политики и структурни реформи?
Рамниот данок ќе си замине на 1.01.2019 година. Убеден сум дека ќе се врати еден ден. Но, дали ќе се вратат луѓето кои ќе си заминат? И дали во истата држава?