Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и ракометниот шампион – ракометниот клуб „Вардар“ со поддршка на Министерството за внатрешни работи организираа сообраќајно превентивна акција под мотото „Шампионите возат одговорно!“
На изненадување на возачите, сообраќајните контроли на полицијата во Скопје беа придружени од претставници на РСБСП и ракометарите на Вардар кои на возачите им делеа совети и препораки за одговорно учество во сообраќајот и гратис влезници за натпреварот на колото помеѓу Рк „Вардар„ и Рк „Рајн Некар Левен“.
Акцијата имаше за цел да се промовира внимателно и одговорно учество во сообраќајот, да се информираат и да се едуцира возачите за важноста и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, изјави претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски.
Ракометниот клуб „Вардар“ е општествено одговорен бренд кој се грижи за доброто на сите граѓани. Наша обврска и наше задоволство е што имаме можност да дадеме придонес за подигнување на сообраќајната свест и култура и да ги повикаме сите учесници во сообраќајот да бидат максимално дисциплинирани и одговорни во сообраќајот. Дисциплината, одговорноста и вложениот труд носи успех и резултати – истакнуваат од РК „Вардар“.
МВР, РСБСП и РК Вардар апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат безбедно и одговорно, да се однесуваат тимски на патиштата и да бидат шампиони со своето позитивно и одговорно однесување во сообраќајот.
Истовремено ги покануваат сите одговорни возачи во сабота во 17. 30 часот заедно да ги бодриме европските ракометни шампиони.