Стопанската комора бара од Владата да ги реализира нивните заклучоци презентирани во јули годинава и нагласува дека е потребно да се зголеми домашното производство на електрична енергија и да се искористат сите можни ресурси. При тоа смета дека набавката на јаглен и мазут за ТЕЦ Неготино треба да има апсолутен приоритет веднаш.
-За да може да се обезбедат нови количини на мазут потребно е да се пушти продажбата на слободен пазар, односно да се тргне од листата на регулирана цена, за да не се случи недостиг на пазарот, велат од Стопанската комора.
Нагласуваат дека ТЕ-ТО треба да биде во функција цела година, бидејќи, како што посочуваат, многу е важно да се има домашно производство не само во услови за да има стабилност, туку и за услови доколку се случи затворање на границите и на cross border протокот (преку граничниот проток на електрична енергија). – Во спротивно ќе се случат рестрикции што негативно ќе се одрази на континуирано производство на домашната економија, велат од Стопанската комора.
Потсетуваат дека 40 до 45 мегавати фотоволтаици што се инсталирани и/или се инсталираат, се уште чекаат на приклучок на мрежа. Се бара ЕВН и сите субјекти кој што се одговорни да ги приклучат во најбрз можен рок, бидејќи, нагласуваат, дека нема економска оправданост да има инсталирани фотоволтаици, а да не се ставени во функција само затоа што не се приклучени на мрежата.
-Владата да ја врати Уредбата која беше во функција во услови на прогласена кризна состојба со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата. Тоа беше и единствена мерка за поддршка на индустријата во делот на набавка на енергенси со поповолни услови. Со укинување на таа Уредба енергијата произведена од обновливи извори наменета за индустријата се намали за цели 8 процентни поени и сега изнесува од 6 до 7проценти, што значи со губењето на енергија од обновливите извори за потребите на индустрија производните трошоци на компаниите ќе растат, истакнуваат од Стопанската комора..
Се бараат и измени во Законот за градба, со цел легализирање на индустриски капацитети/објекти само со Г намена (за незагадувачка индустрија), кои се изградени согласно веќе донесените урбанистички планови и имаат основни проекти, но немаат дозвола за градба од повеќе објективни причини.
-Потребно е Регулаторна комисија за енергетика да подготви Правилник за организирање дистрибутивни мрежи, велат од Стопанската комора.
Според нив, со зголемување на инсталираната моќност од фотоволтаиците ќе настане потреба од градење на 110 киловолтни трафостаници, а на тие ќе има можност да се приклучат и други производители.
Порачуваат дека е неопходно са се спречат злоупотребите на стопанските субјекти кои се префрлаат на универзален снабдувач, а при тоа ги исполнуваат условите да бидат на слободен пазар.
-Тоа е работа на Регулаторна комисија за енергетика, која при вака констатирани злоупотреби треба да му даде налог на ЕВН истите да се прекинат, бидејќи со таквата злоупотреба се прават две штети. Прво се ставаат економските субјекти во нерамноправна положба и второ непотребно се оптоварува ЕСМ, појаснуваат од Стопанската комора.
Овие заклучоци на Комората, како што посочуваат, се донесени и изградени во текот на јули, а сегашната ситуација е подраматична (тоа го покажуваат сметките за струја кои ги добиваат компаниите овие денови и раст на цената на струјата на берзата). Комората смета дека фокусирањето на ова прашање мора да има апсолутен приоритет, бидејќи се погласни се предупредувањата од компаниите дека без државна поддршка тие немаат друга алтернатива освен да го редуцираат производството, бројот на вработените и економската активност, да не зборуваме дека инвестиционите активности ке станат мисловна именка.
-И досега за одредени прашања сме имале различни ставови, некогаш сме наоѓале заеднички јазик, некогаш не, но ова прашање добива такви димензии, ако не изградиме заеднички став може да доведе до состојба од која враќањето на нормалното функционирање на компаниите ќе биде невозможно, велат од Стопанската комора.