Државата треба да ги поддржи и компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија, а не да ги остава сами да се снаоѓаат и да си ги решаваат проблемите. Ако државата до јуни не им даде конкретни гаранции, компаниите треба сами да се здружат и да набават електрична енергија, беше порачано од специјалната седница на Управниот одбор на Стопанската комора.
Како што истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, доколку лани не и верувале на Владата и компаниите сами се здружеле и набавеле електрична енергија таа ќе ги чинела по 118 евра за мегават час просечно. Тој побара конечно да има одговорност од Владата и најави дека една од можностите што им стои на располагање на компаниите, е по судски пат да бараат надомест за штетите што ги претрпеле од неисполнетите владини ветувања.
Одговорност, како што кажа, треба да се побара и од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) заради издавањето на лиценци за трговија со електрична енергија на фирмите со само 5.000 евра гаранција и дозволувањето трговците со струја да немаат никаква одговорност ако ги прекинат договорите за снабдување што ги имаат потпишано со компаниите.
Присутните стопанственици укажаа дека РКЕ треба да ја намали и маржата што се наплаќа за пренос на електрична енергија, бидејќи таа е пресметана во моментот кога цената на струјата беше од 400 до 500 евра за мегават час и не соодветствува на сегашните стабилизирани цени на берзата кои се движат од 120 до 150 евра за мегават час.
Резултатите од спроведената анкета на Стопанската комора за загубите кои ги претрпеа компаниите членки во енергетската криза во 2022 година покажуваат дека никаква државна поддршка не добиле 100-те компании од различни сектори кои беа на слободниот пазар на електрична енергија во кои има преку 100.000 вработени и кои генерираат најголем дел од БДП на државата.
Просечната цена на електричната енергија која ја плаќале била повисока од 180 евра за мегават час и тоа придонело да им се зголемат трошоците. Во компаниите во земјоделскиот и прехранбениот сектор за 100 отсто биле зголемени трошоците во делот на електричната енергија кои влегуваат во финалната цена на производот, во хемискиот сектор до 250 отсто, во металуршкиот сектор до 470 отсто и во угостителството и туризмот од 80 до 340 отсто. Единствено во текстилната и кожарската индустрија влијанието било до 25 отсто.
Најголем дел од компаниите укажуваат дека ќе им се намали обемот на работа ако и годинава има криза која ќе им ги зголеми трошоците за електрична енергија, а дел дури и не би можеле да функционираат воопшто. Укажуваат и на намалување на конкурентноста во споредба со регионот, бидејќи во регионот има субвенционирана цена на електричната енергија за стопанството.
Претседателот на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), Кочо Анѓушев посочи дека сега се сменети околностите во споредба со 2022 година и дека веќе не е најевтино домашното производство на електрична енергија. Сега, потецира тој, потребно е да се направи спецификација на трошоците на енергетскиот сектор за производство на електрична енергија и согласно економската логика да се утврди дели е поевтино да се произведува струја или да се набави од увоз.
Потребно е, како што кажа, да има и дисперзија на обновливите извори на електрична енергија и да не се форсираат само фотоволтаиците, туку и ветерните електрани, електраните на биогас, малите хидроцентрали,… Според него, неопходно е да се изгради и реверзибилната хидроцентрала Чебрен која ќе купува електрична енергија во периодите од денот кога ќе биде поевтина за да го полни горното езеро, а ќе произведува струја од долното езеро кога ќе биде поскапа на берзите.
Во меѓувреме додека се изгради државата да размисли за субвенционирање на изградбата на батериски системи кои ќе можат да ја прифатат произведената електрична енергија во периодот кога е поевтина и да ја пласираат кога е поскапа. Субвенционирањето да биде преку намалување на даноците и царинските давачки или преку Законот за поддршка на инвестициите. Компаниите, пак, како што кажа, доколку можат треба да размислат да го прилагодат технолошкиот процес на периодите во кои има поевтина електрична енергија и на тој начин да заштедат.
На државата и препорача да ја почитува Стратегијата за енергетика и да го сертифицира Министерството за економија за да може да издава зелени сертификати. Препорача и сите државни компании да мора да набавуваат електрична енергија преку берзата на електрична енергија што од мај ќе ја стартува МЕМО, а таму струја да набавува и универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Само на тој начин, како што истакна, берзата ќе биде ликвидна.
Анѓушев препорача што поскоро да се стават во функција магистралните гасоводи и да почне изградбата на дистрибутивните системи во градовите. Во иднина, додаде тој, државата треба во Стратегијата за енергетика да предвиди поголемо користење на хидрогенот и да предвиди изградба на капацитети за производство на хидроген кои ќе работат во периодот кога е евтина електричната енергија.
Александар Гечев од ИГМ побара од државата „да ги тргне пипците“ од стопанството за тоа да биде независно од Владата.
– Се додека Владата не ја намали својата улога во стопанството и воопшто во вработувањето тоа ќе биде подложно на клиентелизам и нема да биде независно, рече Гечев.
Стопанствениците побараа Владата да размисли да им овозможи на стопанствениците кои немаат обновливи извори на енергија да инвестираат во батериски системи за да можат да ја купуваат електричната енергија кога е по пониска цена и да ја продаваат кога ќе биде повисока. (МИА)