Владата да овозможи флексибилност, мал процент на отстапување за обврската компаниите да го задржат бројот на вработени до септември годинава, при користењето некоја од погодностите предвидени со мерките за помош, апелира Стопанската комора на Македонија.
Разбирливо е, нагласува Комората, дека не можат однапред да се предвидат оперативните аспекти на бројните уредби за регулирање на работењето на приватниот сектор донесени во вакви вонредни околности.
Што ако во предвидениот период некој самоволно си замине од компанијата, што ако некој направил сериозна повреда на работните обврски, што ако компанијата има вработени на пробна работа на кои договорот им истекува во јуни, а не сака да им го продолжи договорот заради несоодветно извршување на работните задачи и непридржување кон договорот за работа кој го склучиле со работодавецот или што ако компанијата имала работници што се времено ангажирани кога аплицирала за помошта?, се само некои од прашањата на компаниите, доставени до Комората.
– Во овие вонредни околности, согласно потребите, надлежните институции носат бројни уредби за регулирање на работењето на приватниот сектор и разни економски мерки за помош на компаниите. Разбирливо е дека при носењето на уредбите и мерките не можат однапред да се предвидат сите оперативни аспекти при нивната примена во пракса. Но, компаниите се тие што најдобро и веднаш ги нотираат таквите оперативни моменти и за нив комуницираат со Стопанската комора на Македонија. Една таква иницијатива добиена од компаниите е поврзана со мерката на Владата за финансиска поддршка на компаниите за исплата на минимална плата. Имено, секоја компанија што сака да користи финансиска поддршка од Владата за исплата на минимална плата треба бројот на вработени што го имала во месецот за кој побарала ваква финансиска поддршка да го задржи непроменет заклучно со септември 2020 година, наведува Стопанската комора на Македонија.