Стопанската комора на Македонија од овој месец започнува со четиримесечна бесплатна Програма за развој на стартап бизниси.
Една од целите на Програмата е вмрежување со компаниите во Комората и презентација на идеите пред соодветните компании кои можат да бидат заинтересирани за соработка со стартап бизнисите. Исто така придобивка од ваквата Програма е и можноста за презентирање на идеите пред финансиски институции за финансирање на стартап бизисите.
Програмата за стартап бизниси е наменета за млади невработени лица, но и вработени кои имаат желба за започнување бизнис и се мотивирани за стекнување вештини од областа на претприемништво, планирање на бизнисот и пристап до инвестиции за започнување на бизнисот.
Во реализација на Програмата се вклучени повеќе од 20-тина реномирани предавачи и претставници на успешни стартап компании. Предавањата се замислени така што сите модули на почетокот ќе имаат краток теоретски вовед во секоја поттема, а потоа следуваат предавања со практични примери, искуства и со менторски пристап од предавачите, со индивидуални вежби за примена на стекнатото знаење врз избраната бизнис-идеја. Секој модул има свој ментор, а на предавањата голем удел ќе имаат интерактивноста и вежбите според најновите европски и светски пристапи.
Програмата за развој на стартап бизниси започнува на 28 февруари 2022 година, а планирано е да заврши на 10 јуни 2022 година. Повеќе информации за Програмата и Пријавата за учество на Програмата за развој на стартап бизниси, како и за начинот на пријавување и запознавање со предавачите и темите можете да најдете на интернет страната на Стопанската комора на Македонија: www.mchamber.mk