Стопанската комора на Македонија денеска на прес-конференција ќе соопшти итни мерки за пост КОВИД развој на агро секторот.
Големи загуби, слаб пласман, недоволно ресурси и кадар, беа проблемите на кои укажа бизнис заедницата пред две недели кога Стопанската комората организираше работна средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа. Компаниите предупредија и дека се очекува пад на земјоделското производството до 40 проценти, а на профитот до 60 отсто иако државата интервенира со сериозно високи субвенции.
Претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, претходно, во јавно искажан став порача дека земјоделството е еден од најголемите потенцијали за пост КОВИД развој на домашната економија. Според Азески, за да се искористи потенцијалот, приоритети терба да бидат окрупнување и мелиорација на земјоделското земјиште, промена на методологијата за субвенционирање, како и унапредување на органското производство и на руралниот развој. Азески оцени и дека извозниот потенцијал на земјоделско-прехранбениот сектор е во млечната, винарската, месната и мелничката индустрија.
Земјоделството и прехранбената индустрија се третиот најголем сектор во земјава кој има значаен придонес во бруто домашниот производ (БДП), надворешната трговија и јавната и приватната потрошувачка. Овие две индустрии се голем работодавач со вкупно 10.967 активни претпријатија.