вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Струмички археолози бараат исчезнати средновековни населби

Струмички археолози бараат исчезнати средновековни населби

Струмички археолози ги бараат исчезнатите средновековни населби во регионот и од мај годинава, кога почнало истражувањето, успеале да откријат десет рурални населби, кои во средниот век постоеле на подрачјето на регионот.

Според археологот, д-р Душко Цветанов, струмичкиот регион уште во средниот век бил најгусто населен и еден од најразвиените, што било условено од поволните услови за живот и близината со еден од најурбаните центри на Балканот, градот Солун.

– Во Струмичката Котлина во урбана средина единствено прераснува градот Струмица околу кој егзистирале голем број рурални населби. Тие егзистирале од средниот век, па сè до денес, но дел од нив од различни причини исчезнуваат. Токму тие населби се предмет на наше истражување. Податоци за овие исчезнати населби ние добиваме од достапните историски извори, односно од повелбите на светогорските манастири Иверион, Хиландар и Пантелејмон. Од нив дознаваме за самите населби и за локалните цркви. Од турските пописни тефтери, пак, добиваме значајни податоци и факти конкретно за популацијата во овој регион, а од топонимијата, која оставила траги и до ден-денешен, добиваме значајни податоци што нè насочуваат да ги лоцираме самите населби, како и колективните преданија што оставиле трага врз локалното население, вели Цветанов.

Врз основа на тие податоци почнале со истражувањата и лоцирање, а проектот го именувале „Потрага по изгубените средновековни населби во струмичкиот регион“.

– Ние ги лоцираме изгубените населби со помош на „џипиес“, правење опфат на самите локалитите, односно определување на нивната големина, фотодокументација, а со помош на површинскиот материјал ја определуваме хронолошката рамка на самиот локалитет. Успеавме да откриеме десетина нови археолошки локалитети, кои не се познати за стручната јавност. Тие не се евидентирани во археолошката карта на Република Македонија. Тоа се села, населби, кои егзистирале во средниот век, а денес не постојат, објаснува археологот д-р Душко Цветанов.

Тој наброја неколку од изгубените населби: селото Превалец во близина на денешното Рич, Рајанци во близина на браната Турија, Искреник во близина на селото Сушица, Пот во влизина на селото Габрово и други.

– Сите овие локалитети ние ги откривме со помош на овој проект, односно рекогносцирањето. Овој тип истражување за разлика од класичните археолошки ископувања чини финансиски многу помалку, но сепак и со нив можеме да добиеме значајни податоци, додава Цветанов.

Сите изгубени населби што археолозите од струмичкиот Музеј ги откриле во изминатиот период се наоѓаат во планински предели. Токму тоа била една од причините за нивното исчезнување, бидејќи биле отсечени од главните комуникации и од центарот Струмица.

Населението во овие исчезнати населби во најголем дел се занимавало со земјоделство и сточарство, а неколку од нив, кои биле поблиску до градот, имале и занаетчиски работилници.

По завршувањето на истражувањата се планира издавање монографија „Струмица и Струмичко во средниот век“ и организирање изложба на која ќе бидат претставени фотографии и мапи од локалитетите.

Проектот за истражување на изгубените средновековни населби е финансиран од Министерството за култура, а се реализира како дел од годишната програма на Завод и музеј Струмица.

Ристо Тасев МИА

Најнови вести