Поради актуелната вонредна состојба со Ковид-19, а во согласност со препораките на здравствените власти, овогодинешната Струшка литија со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона, ќе се одржи на 7-ми мај во Струга, но без присуство на народ, информираат од манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица.
-Традицијата на Струшката литија (Еордија) и чествувањето на св. вмч. Георгиј никако нема да изостанат, зашто неговиот благослов е особено потребен во актуелниот период, но овој пат, целокупната церемонија ќе мора да биде реализирана само од страна на свештеничкиот клир, како и од Бигорската, Рајчичката и Пречистанската Обител, велат од манастирот.
Оттаму истакнуваат дека се свесни за огромната почит која верниците ја имаат кон светиот Георгиј Победоносец, но сесрдно замолуваат граѓаните да останат во своите домови и уверуваат дека тие ќе се помолат пред него за секого и за целата наша земја и светот, за што поскоро да бидат избавени, како што велат, од искушението наречено Ковид– 19.