Траорна атмосфера владее денеска во населените места во Општина Студеничани од каде што потекнуваат голем дел од загинатите во автобуската несреќа во Бугарија. Луѓето на сите страни зборуваат за трагедијата, сите жители се блиски и се познаваат меѓусебе и секој од нив со солзи во очите раскажува за настраданите и моментите кога утрово ја добиле веста, објавува 360 степени.
Меѓу настраданите се наставничката по македонски јазик во основното училиште „Наим Фрашери“, Фикрие Исени (1982 г.), и нејзината малолетна ќерка (2007 г.) која учела во деветто одделение во истото училиште во селото Студеничани.
Појдовме до училиштето. Нè пречекаа празни училници и тишина. Колегите на Фикрие и другарчињата на нејзината ќерка веста ја добиле рано утрово. Наставниците со кои разговаравме, со влажни погледи, раскажуваат дека ја прекинале наставата бидејќи во вакви услови било невозможно да ја одржуваат. Велат, овде секој со секого се знае и голем дел од учениците и вработените се роднини или пријатели со настраданите.
„Околу 6:30 часот на Фејсбук прочитав за несреќата, но првично не знаевме кој загинал. Околу 10 часот дојде директорот на училиштето со список што го добил на жртви во несреќата и тогаш прочитавме дека меѓу нив е нашата колешка со нејзината ќерка. Меѓу учениците има нивни роднини и пријатели и од преголема вознемиреност ја прекинавме наставата“, едвај раскажуваше еден од колегите на Фикрие не можејќи да ги задржи солзите.
Од селото Студеничани има уште две жртви, кои се од истата фамилија – Исени, како Фикрие и нејзината ќерка. Станува збор за Хамди Исени, кој работел како матичар во Општината, и неговата сопруга со која биле заедно на патувањето.
Разговаравме и со колега на Хамди, секретарот на Општината, Бурханедин Нухиу, кој вели дека според неофицијалните информации околу 20 од настраданите се од оваа општина и има уште неколку кои се по потекло од таму, а се иселени.
„Тешко е примена веста. Тешко е да се опише, Господ да им е на помош на семејствата“, вели секретарот на општината.
Целата вест прочитајте ја ТУКА.