Судот донесе решенија со кои го уважи предлогот на разрешената директорка Лидија Димова и на поранешниот надворешен соработник во Националната агенција за европски образовни програми, Александар Гочев да им определи мерки: oдземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница, обврска за повремено јавување во судот и забрана за вршење на одредени работни дејствија, соопштија од Кривичниот суд.
На 2 ноември судија на претходна постапка го прифати и предлогот за определување мерки за претпазливост за Зоран Златковски, сопственик на фризерницата В.Е.З. Трејд, за која „А1он“ објави дека од Националната агенција добила 270 илјади евра. Мерки за обезбедување на присуство, не беа побарани само за пензионираната благајничка, Ана Павлиду.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Разрешената директорка денеска ги избегна камерите и новинарите, без да даде одговор дали навистина сторила злоупотреба на европски фондови, за што ја товари Обвинителството за организиран криминал и корупција. Таа од судот излезе со нејзината адвокатката која на прашањата за Димова одговори: „Во друга прилика”.
Пред неа, на распит беше и Александар Гочев, второосомничен во случајот кој го води Обвинителството.
Кривичната пријава против Лидија Димова, Александар Гочев, Зоран Златковски и Ана Павлиду ја поднесе Финансиската полиција, а Обвинителството покрена истрага. Делата за кои се сомничат се злоупотреба на службена положба и овластување, злоупотреба на европски фондови и несовесно работење во службата.