Во Основниот кривичен суд Скопје за денеска е закажано ново рочиште за предметот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски и покрај преписките меѓу адвокатите, Судот и Судскиот совет околу истекот на мандатот на поротничката Лилјана Ивановска Кочовска, која е дел од судечкиот совет за овој предмет.
Одбраната очекува денешното рочиште да биде одложено, бидејќи адвокатот на обвинетиот поранешен градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, Јовица Страшевски е на одмор. Но, претседателот на Судот одлучи на негово место да назначи адвокат по службена должност, кој и претходно бил ангажиран како бранител на обвинетиот Трајковски.
Адвокатот на една од обвинетите во „ТНТ“, Мерџан Дауити вчера во соопштение го прозива Судскиот совет да не молчи. – Во текот на утрешниот ден охрабрете се, не потклекнувајте на никакви притисоци, закани, уцени или ветувања. Донесете законита одлука во интерес на владеењето на правото, напиша Даути.
По серијата отворени писма од адвокатите Јовица Страшевски и Мерџан Даути одговори и реакции пристигнаа од Основниот кривичен суд Скопје, Судскиот совет, Министерството за правда, Здружението на судии и Адвокатската комора.
Адвокатите на обвинетите на неколку рочишта за случајот „ТНТ“ укажуваа на судечкиот совет дека мандатот на поротничката Лилјана Ивановска Кочовска е завршен на 24 декeмври 2019 и дека според Законот за кривична постапка, доколку дојде до каква било промена на составот на судечкиот совет, судската постапка мора да започне од почеток.
Сепак, постапката продолжи и беа одржани неколку рочишта и по 24 декември, а судечкиот совет, укажуваше на фактот дека не е во нивна надлежност да одлучуваат за престанок на мандат на судија поротник и оти тоа е прашање на Судскиот совет.
Во предметот „ТНТ“ обвинети се поранешниот министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, вработени во Општина Гази Баба, како и поранешен премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија.