вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Сугарески на министерски состанок за транспортна поврзаност на Западен Балкан

Сугарески на министерски состанок за транспортна поврзаност на Западен Балкан

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески учествуваше на министерски состанок за транспортната поврзаност на земјите од Западен Балкан во Софија каде ги презентираше тековните и планираните проекти во патната и железничката инфраструктура што се реализираат од македонска страна на коридорите 8 и 10.

– Овие инвестиции ќе обезбедат унапредување на транспортната поврзаност, особено имајќи предвид дека воспоставувањето конкурентна и безбедна Транс – европска транспортна мрежа во Република Македонија како дел од Европската транспортна мрежа, претставува заедничка цел на земјите од регионот кои се стремат кон полноправно членство во Европската Унија, истакна Сугарески.

На состанокот, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, се разговарало за регионалната транспортна поврзаност и биле презентирани потенцијалните проекти и можности за инвестиции пред претставниците на меѓународните финансиски институции.

Состанокот претставува дел од стратешкиот дијалог за Западен Балкан поддржан од Светскиот економски форум чија цел е унапредување на јавното-приватно партнерство за понатамошно зајакнување на инвестициите во регионот.

Покрај министерот Сугарески, на состанокот присуствувале и министрите за транспорт и инфраструктура на земјите од регионот како и претставници на меѓународни финансиски институции.

Во маргините на состанокот, министерот Сугарески остварил средба со косовскиот министер за инфраструктура со кого разговарал за автопатското поврзување меѓу двете држави преку изградбата на автопатот Скопје-Приштина. Двајцата министри се согласиле дека е потребна изградба на автопатска делница заради потребата од зајакнување на економските односи меѓу двете држави.

(Миа)

Најнови вести