Две децении РЕК Битола е „непресушен“ рудник за богатење на олигарсите на било која власт која оперирала. Минатото ни укажува и сведочи дека после секоја власт, излегуваат на површина сите тендери кои биле доделени од актуелниот менаџмент кон фирмите, како лесен начин за богатење бидејќи се работи за милионски суми.
Првиот дел од истражувачката сторија на порталот „Нетпрес“, говори за патот на парите од тендерите за снабдување со мазут во ЕЛЕМ.
Која е фирмата која ги добила тендерите за мазут во ЕЛЕМ и кој е нејзин сопственик?
Фирмата „Супертрејд“ е главен играч на власта за снабдување мазут во ЕЛЕМ. „Супертрејд“ е фирма на лицето Владимир Стајиќ, застапник на брендот „Галф оил“, човек кој наводно има блиски конекции со лица од раководството на СДСМ. Неофицијалните информации се и дека Стајиќ е наводно семеен пријател на Вице Заев. Исто така пред извесно време сестрата на Владимир Стајиќ беше поставена на функцијата Државен секретар во Министерството за финансии.
Имено ако пребарувате на сајтот за јавни набавки, никаде нема да најдете договори од тендери помеѓу фирмата „Супертрејд“ и ЕЛЕМ за набавка на мазут во вредност од 14 милиони евра, туку единствено ќе најдете неколку тендери за набавка на стоки во вредност од над 1,2 милиони евра.
Кој и зошто ги крие овие договори е нејасно, бидејќи тие треба да бидат јавни, иако се потпишани во четири очи.
Вредноста на договорите
Првиот договор кој го потпишува „Супертрејд“ со ЕЛЕМ, а е недостапен и непознат за јавноста, е во месец декември 2020, каде предмет на договорот е испорака на Масло за горење, мазут М-1 НС со количина од 11.622 тони, во вредност од 304.462.329 денари или 4.950.606 евра.
Вториот договор, Владиимр Стајиќ кој е и управител на фирмата, го потпишува во месец март 2021 година за набавка на Мазут М-1 НС со количина од 13.798 тони во вредност од 565.928.000 денари или 9.202.081 евра.
За првиот договор депонирана е банкарска гаранција во една од банките во вредност од 209.772 евра, а за вториот е депонирана банкарска гаранција во друга банка во висина од 389.918 евра. Зошто го пишуваме овој податок, ќе читате во вториот дел од продолжението на ова истражување.
Двата договори се со вкупна вредност од 14.152.687 евра, и двата договори се недостапни за јавноста на сајтот за јавни набавки. Очигледно е дека некој сакал да сокрие тендери кои Васко Ковачевски ги склучил со Владимир Стајиќ, што уште еднаш во кулоарите потврдува дека и двајцата имаат заеднички близок пријател кој се вика Вице Заев и брат на премиерот Зоран Заев.
Експертите во фелата говорат дека е чудно што овие два договори се скриени од очите на јавноста и што не оделе на јавен тендер, што пак потенцираат дека можеби постојат и многу други договори за вакви набавки што се уште не стигнале до очите на јавноста.
За овие два договори и набавката на мазутот, односно почитувањето на законите, постојат неколку индикации за кои ќе треба да се произнесат од ЕЛЕМ и од институциите, но тие ќе бидат обработени во вториот дел од истражувањето на „Нетпрес“, кои ќе бидат објавени следните денови.