Во 2019 година во нашата земја биле регистрирани 199 случаи на туберкулоза со што Република Македонија за прв пат се вбројува во земјите со ниска стапка на инциденца на туберкулоза, информираат од Институт за белодробни заболувања и туберкулоза по повод 24 Март – Светскиот ден за борба против туберкулоза.
Стапката на смртност од туберкулоза во 2019 година е 0,2/100 000 и е најниска стапка на смртност забележена досега.
Светскиот ден на туберкулозата се одбележува на 24 март секоја година и има за цел подигнување на свесноста за оптеретеноста со туберкулоза во целиот свет, да се потенцираат можностите за превенцијата и за контрола на болеста која се уште претставува проблем од огромни размери во поголем дел од светот.
Светската здравствена организација годинава го одбележува овој ден под мотото „Време е за акција за крај на туберкулозата“ и се оддава посебно признание на улогата и на медицинските сестри и акушерките во дијагностицирањето, лекувањето и превенирањето на туберкулоза и затоа тие се во центарот на вниманието на кампањата
– Во Република Северна Македонија се применуваат најновите стандардни за дијагностицирање, лекување и превенирање на туберкулоза, кои се инкорпорирани во националната стратегија за контрола на туберкулоза 2018-2022 година базирана на Целите за одржлив развој и глобалната стратегија на Светската здравствена организација насловена како „Крај на туберкулоза до 2030 година”. Благодарение на усогласените активности и мерки за контрола на туберкулоза во нашата земја, од 2002 година до денес бележиме континуирано и постепено намалување на бројот на заболени од туберкулоза, се наведува во соопштението од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
Од туберкулоза, стои во соопштението од Институтот, се уште почесто заболува машката популација околу 65 проценти и младите на возраст од 25-45 години, додека од вкупниот број на регистрирани околу шест проценти се деца на возраст од 0-14 години.
– Во 2019 година 90,5 проценти од болните се новозаболени, а 9,5 отсто се лица кои повторно се лекуваат од туберкулоза. Најчеста локализација на болеста е белодробната. Појавата на резистентни и мултирезистентни форми на туберкулоза во РМ е под контрола иако повремено се регистрираат варирања во бројот на откриените соеви на резистентни бактерии: сепак во 2019 години регистриран е само еден случај со МДР ТБ и еден случај со Рифампицин резистентана туберкулоза што покажува тенденција кон намалување во споредба со претходните години, се вели во соопштението од Институтот.
Од 2007 до 2018 година регистрирани се вкупно седум болни со туберкулоза меѓу ХИВ позитивните лица, а во 2019 година регистриран е само еден случај на ТБ/ХИВ.
Туберкулозата е болест поврзана со социјални детерминанти, лоши услови на живеење и затоа особено внимание се посветува на контрола на болеста меѓу ризичните, вулнерабилни групи, како што е популацијата во казнено поправните установи, психитриските болници, ромската популација.
Бројот на болни од туберкулоза во казнено-поправните установи во 2019 година е намален во однос на претходните години и изнесува два случаи. Во психитриските болници во 2019 година откриени се три слуачи со туберкулоза. Меѓу ромската популација бројот на новооткриени случаи со туберкулоза не се зголемува и е идентичен со 2018 година -16 лица.
Превентивната програма за контрола на туберкулозата кај населението во нашата земја за 2019 година е финансирана од Министерството за здравство и предвидува реализирање на поголем број на активности за дијагностика, лекување и превенирање на туберкулоза. (МИА)