Почина Милка Герасимова, легендарен музички тон-мајстор во Македонското радио. Веста беше објавена на социјалните медиуми, каде што голем дел од музичката фела во Македонија се збогуваше со Герасимова.
-Драга Милка, во секоја песна што ја снимаше остави парче од твојата душа. Ќе бидеш запаметена по тоа засекогаш. Ти благодарам за се’ што научив од тебе. Нека Бог ти даде мир, пишува македонскиот композитор, аранжер и музички продуцент Љупчо Трајковски-Фис.
Музичарот и продуцент Мите Димовски напиша:
Беше прекрасен човек и врвен професионалец. Нека ти е светол патот небесен. Почивај во мир, напиша првиот човек на музичкото студио „Тралала“.
На „Фејсбук“ се огласи и Кокан Димушевски.
-Сè што знам за тонско снимање и миксање беше од Милка Герасимова и Таше Панајотов. Почит неизмерна кон музиката и уметниците. Почивај во мир, напиша тој.
Герасимова имаше богата биографија. Соработувала со врвни професионалци и големи музички имиња, меѓу кои „Леб и сол“, „Бејло дугме“, Ансамбл Билјана Охрид, со Драган Ѓаконовски Шпато, „Лева патика“, Зафир Хаџиманов, Македонски мерак, Блага Петреска, Атина Апостолова, Вања Лазарова, Васка Илиева, Александар Сариевски…