Матични лекари од Кочани одбивале да испратат на тестирање текстилни работнички со симптоми на Ковид 19.
Работничките работеле во конфекција каде веќе има потврдени случаи на вирусот. Вакви обвинувања за лоша соработка на здравствените институции во Кочани се појавија на социјалните мрежи.
И Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ упати јавно прашање и побара реакција од Државниот здравствен и санитарен инспекторат да провери дали овие тврдења се вистинити.
Оттука се поставуваат низа на прашања до Државен здравствен и санитарен инспекторат и Министерство за здравство.
Дали жени работнички од Кочани имаат симптоми на Ковид, а примарното здравство ги враќа назад со одговор не е корона и не ги праќа на тестирање за да не се дига паника?
Дали животите на вработените и на нивните најблиски се ставени на ризик поради удоволување на сопственикот на конфекцијата со цел непречено работење во време на пандемија?
Од инспекторат појаснуваат дека ако имаат симптоми работничките може да се јават и на инфективните одделенија во Штип и Кочани, каде задолжително ќе им бидат направени тестови.
Од Здружението на матични лекари велат дека се почитува алгоритамот, но потребно е лекарите да почнат со прегледи на пациентите.
Велат дека со сите пациенти кои имаат некој од симптомите се комуницира на дневна основа и врз основа на искуството и симптомите проценуваат дали некој ќе се тестира или не.