вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

„Тетовската болница вработува роднини на функционери, а не најдобрите лекари“

„Тетовската болница вработува роднини на функционери, а не најдобрите лекари“

Во болницата во Тетово се вработуваат специјализанти според привилегии, а не според знаењето и стручноста, велат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Тие на својата Фејсбук страница објавија листи од освоените бодови од стручниот испит за вработување што се полага при секој јавен оглас, како и ранг листа на лекари на специјализација кои се примени. Велат дека при приемот на лекари во Клиничкиот центар во Тетово не е водено сметка за ранг листата од освоените бодови од стручниот испит, ниту пак претходното работно искуство и бараат одговорност, пренесе СДК.МК.

„Не сме против вработување на лекари. Им честитаме на примените колеги. Уште пет огласи за вработување да има ќе бидат малку, оти недостигаат лекари во целата земја. Но, бараме да се почитуваат критериумите за прием. Ако во законот се ставени критериуми за вработување на специјализанти, каде покрај англискиот јазик полагаме и стручен испит на прием, бараме тоа да се почитува“, вели Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Тој вели во случајов е трагично што при приемот болницата има дискреционо право да врши избор на кандидатите и при тоа нема обврска да ја почитува ранг листата.

„Ваквиот начин на прием практично не обесхрабрува, бидејќи не се примаат најдобрите, туку најподобните. Баравме и сè уште бараме промена на законската регулатива“, вели Лазаров.

Според коментарите на Фејсбук страницата на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари според објавените листи се вработуваат лица кои се во роднинска врска со функционери на ДУИ и БЕСА.

Еден од кандидатите кој е прием на државна специјализација, воопшто го нема на ранг листата на оние кои го полагале стручниот испит за прием, велат од АСМЛ.

Директорот на Клиничкиот центар Тетово Флорин Бесими не одговори на нашето барање да објасни за обвинувањата на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари дека се примаат кандидати со протекции.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека при приемот на лекари во болниците одлучуваат самите болници, односно директори и дека независно од законските одредби тие треба да ги одберат најдобрите кандидати.

Најнови вести