недела, 4. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Тимоние: Избори во Франција со консензус и кога здравствените услови ќе бидат исполнети

Тимоние: Избори во Франција со консензус и кога здравствените услови ќе бидат исполнети
ФОТО:МИА

Избори во Франција со консензус и кога здравствените услови ќе бидат исполнети, ова го вели во интервју за МИА амбасадорот на Франција во земјава Кристиан Тимоние.

Европската комисија од март месец по донесувањето на одлуката на Советот работи на подготовка на драфт преговарачката рамка за С. Македонија, која треба да биде претставена на почетокот на јуни, по што ќе следи усогласување на ставовите на земјите членки. Остварлива ли е временската рамка за заокружување на тој процес со цел согласно очекувањата на македонските власти, официјалниот старт на преговорите со првата меѓувладина конференција да се случи за време на Германското претседателство во втората половина од годинава?

– Секогаш треба да се поставуваат амбициозни цели, а уште повеќе во време на предизвици без преседан во минатото. Важноста на околностите треба да ги охрабри сите чинители да ги удвојат своите напори и да работат на отстранување на пречките, доколку ги има. Се чини дека комесарот Вархеји е сигурен во шансите за успех: затоа треба сите да го поддржат. Важно е да се постигне почетна динамика со компетентни македонски тимови, поддржани од функционална влада, мотивирана и силна во својот легитимитет што ќе го добие на нови избори.

Во процесот на усогласување на преговарачката рамка земјите членки мора да ги испеглаат своите ставови. Каков би бил ставот на Париз доколку во неа се инсистира да бидат вметнати историски и идентитетски барања од страна на Софија?

– Во врска со рамката за преговорите, веруваме дека Комисијата ќе ги усогласи ставовите и ќе најде заеднички јазик, во согласност со европскиот интерес. Се надеваме дека на крајот ќе надвладее јачината на европскиот дух, со оглед на важноста на прашањата и заедничкиот интерес за успешно започнување на преговорите, врз основа на новата методологија која ја промовиравме со други земји-членки. Добрата волја што беше искажана при потпишувањето на Договорот во 2017 година, го прави овој текст цврста основа за напредок кон надминување на разликите што може да се појават меѓу двете страни.

На инсистирање на Франција беше усвоена новата методологија за преговори. Дали со тоа се исцрпени можните забелешки на Париз за текот на преговарачкиот процес?

– Новата методологија инсистира на реално унапредување на владеењето на правото, со механизми за проверка и има реверзибилен карактер. Таа ги исполнува повеќето наши барања, коишто се во интерес на сите граѓани, но и на самата Унија. Исто така, Унијата треба да обезбеди средства за економски и социјален развој на регионот, но и за реализација на сопствените реформи, за да се овозможат добри услови за прием на нови земји-членки.

Франција како еден од клучните аспекти на реформите го истакнува владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција. Како го оценувате напредокот на земјата на ова поле во очекување на новиот извештај на ЕК во контекст на востановената работа на ДКСК и спроти пресудата за случајот „Рекет“ кој е во завршница?

– Треба да се поздрави напредокот постигнат во неколку области, од 2017 година наваму, со усвојувањето на одредени реформи и донесувањето закони што очекувавме да се случат, особено во областа на правосудството. Ќе биде потребно да се провери нивната конкретна примена во поглед на независноста на судството во однос на извршната власт, како и во поглед на ефективната борба против корупцијата. Јавноста сега има капацитет да собере доволно информации за да ги согледа резултатите што се очекуваат од истрагата за случајот што го наведувате. А тоа веќе претставува голем чекор напред. Заложбите на Државната комисија за спречување на корупцијата се познати. Веројатно таа има потреба да располага со поголеми средства за ефикасна и непристрасна контрола на бројните случаи доставени до неа, како и за последователни активности за следење на истите откако ќе бидат предадени на правосудните органи. Може да се забележи обновената динамика на Уставниот суд, што дава надеж за вистински исчекор напред кон владеењето на правото и приближување кон европските системи. Исто така, треба да се следи и зацврстувањето на улогата на Народниот правобранител.

Македонија е пред одржување на десеттите парламентарни избори. Французите на 15 март излегоа на гласање на првиот круг од локалните избори, резултатите се валидни, следува вториот круг, како веројатен датум се споменува 21 јуни. Дали Франција се подготвува за гласање и како тоа би се организирало во услови на пандемија?

– Сè уште не е донесена одлука за одржување на вториот круг на 21 јуни, во 5.000 општини кои треба да пристапат кон спроведување на второто гласање (вклучително и градот Париз). Во тек се активни разговори помеѓу Владата и политичките чинители со цел да се дојде до разумен консензус, каде што здравствените прашања ќе имаат приоритет, дури и во контекст кога пандемијата се повлекува во голем број од нашите региони. Секако, би сакале да се исполнат условите за да имаме зголемена излезност што ќе им даде целосна вредност на изборните резултати.

Според податоците на СЗО, заклучно со 13 мај Франција е меѓу десетте земји со најголем број нови случаи, рестрикциите во земјата се олабавени на 11 мај. Каква е состојбата со коронавирусот во Вашата земја и како се справувате со пандемијата?

– Франција влезе во период на етапно олабавување на мерките, прогресивно, но и реверзибилно, врз основа на разликите што постојат помеѓу некои области кои се повеќе или помалку погодени, како и според нивните болнички капацитети. Економската активност постепено се обновува, при што се дава можност за движење доколку тоа е неопходно, со јавниот превоз во Париз и неговиот регион, како и за ограничено отворање на училиштата и продавниците, со примена на превентивни здравствени мерки. Движењето со приватни возила во моментов е ограничено на радиус од 100 километри околу местото на живеење. Јавниот превоз подлежи на строги хигиенски услови. Одредени плажи ќе бидат повторно отворени за посетители, како и одредени музеи и културни установи. Одново се стимулираат внатрешните туристички резервации. Има надеж дека строгите рестриктивни мерки што му беа наметнати на населението, даваат резултати, но подготвени сме да се соочиме и со втор бран доколку биде потребно.

До каде е работата со ставање во функција на Француската агенција за развој во Македонија?

– Се наоѓаме во последната фаза од усогласувањето на договорот: продолживме да работиме во овие тешки денови со нашите одлични партнери од македонските министерства за надворешни работи и финансии. Би сакале што поскоро да се потпише тој договор, за да се изработат проекти, пред сè од областа на здравството и животната средина. Сите знаеме дека климатските промени влијаат врз здравјето на луѓето и создаваат плодна почва за појава на штетни влијанија како тие што ги создаде коронавирусот и болеста Ковид-19. Посакуваме што поскоро да оствариме контакт со соговорници расположени по изборите да се вклучат во конкретни проекти.

Најнови вести