Случајот „Рекет“ заслужува итна реакција на надлежните и сигурен сум дека ќе видиме напредок, вели францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние во интервју за ТВ 24.
– Треба да се преземат сите потребни постапки во најкраток можен рок, да се види дека се води веродостојна истрага која не прави дистинкција за тоа колку се високи позициите на инволвираните и какви се нивните функции, и која ќе покаже дека времето на неказнивост е завршено, изјави Тимоние.
Смета дека сите треба да се заложат овој случај да има судска завршница и изрази надеж дека надлежните работат на истрагата и на прибирање докази.
Тимоние посочува дека е потребна конкретна работа и верува дека ќе има напредок.
Во контекст на очекуваната одлука за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, францускиот амбасадор оценува дека позицијата на земјата сега е помалку цврста поради случувањата околу „Рекет“ и неможноста да се постигне договор за законот за ЈО.
– Времето брзо поминува и до октомври има релативно малку време за да се покаже убедливост во работата. Потребно е власта и опозицијата да ги пронајдат насоките што водат кон едно постабилно досие за земјата за кое ќе можеме да кажеме дека иако е извесно оти владеењето на правото создава одредени проблеми, сепак, постои вистинска волја преточена во дела, е не само во намери. Таквата војла заслужува поддршка за почнување на преговорите и отворање на поглавјата 23 и 24, истакна Тимоние.