Владиката Тимотеј смета дека документот што денеска српскиот патријарх Порфириј му го врачи на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, е всушност акт со кој се потврдува написмено она што српскиот патријарх го соопшти во Скопје.
Тој во изјава за Сител телевизија вели дека ова е дел од процесот до конечно добивање на официјалниот Томос од Вселенскиот патријарх.
-Сега почнува процесот. Тие се согласуваат и сега го даваат тоа во писмена форма. Ќе ги информираат сите православни цркви, и почнува процесот, рече владиката Тимотеј.
Српскиот патријарх Порфириј денеска му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан со кој се потврдува одлуката на СПЦ, која беше објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на Томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.
На денешната ариерејска литургија во Белград во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил во Белград, служеа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот на МПЦ –ОА г.г. Стефан, со епископи од двете цркви.
-Сега и Света Софија Охридска, врз кој се видливи сите наши лузни, ќе продолжи да биде храм на заедничките евхаристички радости да се напластува единството со сите православни цркви, порача поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан во беседата по заедничката архиерејска литургија во Белград. (МИА)