На барање на група земјоделци кои се запрепастени од селективниот пристап на власта, како советничка група бевме замолени да покренеме иницијатива за нивниот сериозен проблем. Деновиве сме сведоци на извојуваната битка на лозарите за која им честитаме. Со донесувањето на Законот за дополнување на законот за земјоделство и рурален развој, истите ќе бидат обесштетени и ќе си ги добијат парите што им ги должат некои од приватните винарии, ова денеска на прес-конференција го истакна Јован Тозиевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Ресен.
-Во истата ваква приказна се наоѓаат и нашите земјоделци кои имаат заостанати побарувања од регистрирани откупувачи. Имено во член 99А од Законот за дополнување на законот за земјоделство и рурален развој директно се опфатени и треба да бидат обесштетени и преспанските овоштари. Не може законот за некого да биде мајка, а за некого маќеа. Ги повикуваме Државниот земјоделски инспекторат да излезе на терен и заедно со службите, градоначалникот и здруженијата да извршат првична сондажа на висината на побарувањата кои ги имаат кон регистрираните откупувачи. По наши неофицијални сознанија на преспанските овоштари им се должат неколку милиони евра од страна на регистрирани откупувачи, а дел од нив имаат добиено и судски спорови. Зошто кога законот помина низ собраниските клупи пратеничката од Ресен, не побара да бидат обесштетени и преспанските овоштари кои ги застапува и за чии проблем е многу добро запознаена, потенцира Тозиевски.
Тој додава дека во најбрз можен рок, бараме итна средба со градоначалникот на Општина Ресен, кој треба да земе главна улога во решавањето на овој горлив проблем, по примерот на неговите колеги од другите општини.
-Под итно и министерот за земјоделство да излезе од меката фотелја и да оствари средба со засегнатите, разочарани овоштари и во рок од еден месец овие средства да им бидат исплатени. Ги повикуваме сите засегнати овоштари на кои им се должат пари од регистрирани откупувачи да се приклучат кон оваа иницијатива и во наредните денови овој проблем да го добие вистинското значење и разрешница, рече Тозиевски.