Додека ВМРО-ДПМНЕ притиска за предвремени избори, нешто што веднаш беше одбиено од премиерот Ковачевски, малите коалициони партнери од владејачкото мнозинство имаат свое барање. Тоа се измените на Изборниот законик со кој Македонија ќе стане една изборна единица. Нешто што СДСМ им го вети на помалите партии при формирање на владината коалиција.
Откако една година предлог-законот беше блокиран и заборавен во фиока, во март годината конечно работите мрднаа од мртва точка.
Предлог-законот помина во прво читање на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Сега, претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да го стави на дневен ред на некоја од идните пленарни седници.
Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов за „Фокус“ вели дека сега зависи од претседателот Џафери, дали тој понатаму ќе одолговлекува или не. Според разговорот што Трајанов го имал со Џафери, предлог-законот би требало да се најде на дневен ред недела што измина. Но, тоа не се случи.
Трајанов вели дека доколку повторно се одолговлекуваат измените, има пратеници, вклучително и тој, што би пристапиле кон напуштање на владејчкото мнозинство и предвремени парламентарни избори.
„Ако повторно се блокира законот, тогаш повторно ќе се актуелизира прашањето за предвремени парламентарни избори. Повеќе пратеници сме подготвени да гласаме за престанок на мандатот на владата. Од тоа не отстапуваме, бидејќи тоа е договор. Не може ДУИ да го блокира процесот. Власта не може да функционира без неколку пратеници што сме дел од парламентарното мнозинство“, дециден е Трајанов.