На денешниот протест со кој се бараше слобода за Уставобранителите пред затворот во Штип, пред присутните се обрати Дијана Транталовска од Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и рече дека Македонија е осудена да ѝ се повторува историјата, дека секоја генерација ги дава своите жртви, а жртвеникот е неправдата.
– Позади овие ѕидови годините ги поминуваат луѓе кои на тој кобен 27-ми април 2017-та година, беа втурнати во мамка скроена од продажници кои сѐ уште се на власт и се обидуваат да ја докусурат државата на секој можен начин. Во затворите, лежи Македонија, лежат нашите души:
Јане Ченто, Митко Чавков, Влатко Трајковски, Александар Јаневски, Кире Горгиевски, Душко Лазаров, Оливер Поповски, Митко Пешов, Младен Додевски, Никола Матевски, Мунир Пепиќ, Оливер Радулов, Николче Димитриевски, Коста Делов, Андреј Митев, Оливер Ошавковски, Вилијам Михајловски, Горан Ангелов и Игор Југ. Имаат вина колку што има Методија Андонов – Ченто и Драган Богдановски, беа Македонци повеќе од што им беше дозволено.
Да прашаме од име на вас, каде се тие што на 27-ми април ги отворија вратите во Собрание? Ни ги вовлекоа во пеколот во кој денес живеат нашите мили деца и браќа. Вратарите уживаат во привилегиите, во колнати удобства, тие за ова судство немаат вина, кариери изградија, функции запоседнаа на грбот на овие луѓе – рече Транталовска
Таа додаде дека тероризам е она што власта го направи,велејќи дека она кое било во нашите глави, сега го живееме како сурова реалност.
– Овде, денес сме да покажеме на светот дека нашите браќа не се сами и сѐ што е во наша моќ ќе направиме да бидат ослободени според правото и правдата. Македонскиот народ кој цели 5 години страда заедно со семејствата на затворените истакнува барање за правична постапка и притоа, итно бараме:
Ново фер судење според сите стандарди на правото, со одлука на Врховниот суд постапката да биде повторена неодложно. Не бараме милост, бараме правда – рече Транталовска.